Гробот на „Освојувачот на Скопје“

Во непосредна близина на киното „Напредок“, во еден двор се наоѓа гробот на првиот турски намесник на Скопје, односно прв скопски краишки војвода и прочуен турски војсководач Паша Југит бег, кој е познат и како „освојувач на Скопје“. Некогаш неговиот гроб се наоѓал во турбето посветено на него кое пак, се наоѓало во дворот на можеби, најстарата џамија во Скопје и на Балканот наречена Јигит – пашина или Меддах џамија. Оваа џамија за која се верува дека ја подигнал Јигит бег и која првпат се споменува во 1445 година, беше урната во 1943 – та за време на бомбардирањето на Скопје.
Од неа долго време по Втората светска војна остана само минарето кое беше урнато за време на катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Турбето во кое бил погребан Паша Јигит бег во 1426 година исто така денес не постои, било шестоаголно, од отворен тип и на секоја страна од шестоаголникот завршувало со пчрекршен лак. Било изградено од тули и малтерисано, а ѕидовите му завршувале со запчест венец.

Турбето имало купола подигната на тамбур, кој бил пластично обработен од внатрешната страна. Некогаш во непосредна близина на турбето имало кладенец – азајма од кој, според кажувањата, течела лековита вода.
Водата била наречена Меддах – бабина вода, поради верувањето дека во гробот бил погребан старешината на Јигит – пашината џамија, Шеих Мддах баба. На кладенецот, според кажувањата, доаѓале и муслимани и христијани кои пак, верувале дека на ова место некогаш се наоѓала средновековната црква посветена на Кузман и Дамјан, Свети Врачи. Со текот на времето името на Меддах баба кај народот полека го истиснува името на Паша Јигит брг, така што многумина сметаат дека гробот на „Освојувачот на Скопје“, всушност е на Мрддах баба.