Карактеристиките на дуќаните

Во Чаршијата се зачувани голем број дуќани со идентичен архитектонски третман – приземје и полукат (мезанин), а кај некои – подрум. Тие му припаѓаат на таканаречениот постар тип, кого го карактеризираат малите дуќани во непрекината низа, залепени едни до други и кај кои се повторува мерата од 6,20 до 6,40 метри. Распонот на нивното фасадно платно е многу скромен, што е последица на стремежот за максимално користење на улицата. Овие дуќани се карактеризираат со голема длабочина, што е резултат на првобитната функција на одреден дуќан.
Во Чаршијата се забележани и таканаречени „маази“ – градени во втората половина на минатиот век од солиден градежен материјал, како ниските, ситни, архитектонски сосема невредни дуќани, кои случајно дошле како единки во една композициска целина на два типа. По земјотресот во Скопје, во 1963 година започнува интензивна изградба на нови и обновување на старите дуќани, при што е забележливо настојувањето, и покрај примената на најсовремен градежен материјал, во основа да биде зачуван надворешниот изглед на дуќаните, со цел Чаршијата да не изгуби од својата автентичност и убавина.