Еснаф

За да можат да ги штитат интересите на својот занает или трговија и за да одржуваат внатрешен мир меѓу членовите, занаетите секој одделно или неколку занаети заедно, имале своја занаетчиска и трговска организација – Еснаф.
 Еснафот го опфаќал целиот живот и организирање на занаетчиите: ја пропишувал занаетчиската техника, начинот на купување на суровини, начинот на продавање. Скопските еснафи се делеле по вероисповед на христијански и муслимански, но имало и мешани. Мешаните еснафи имале два одделни печата, но кога се појавувала потреба да се заштити производството од туѓа конкуренција, тие заеднички делувале.
Пред да се донесе правна регулатива односите помеѓу занаетчиите се утврдувале според „старите обичаи“, кои ги почитувала и уважувала и власта. Со текот на времето тие станале норми кои биле запишани во еснафските уредби или статути. Споровите меѓу членовите на еден еснаф ги решавал еснафски суд.

Еснафите ги создавале општествените односи, начинот на живеење и обичаите во градот. Македонските занаетчии и трговци, со националното созревање во преродбенскиот период, материјално и морално ги помагале борбите за самостојна црква и за народна просвета и култура. По Првата светска војна членовите на бившите еснафи се вклопиле во новоформираните занаетчиско – трговски комори.