Градот пред и по Пиколомини

 

Градот пред и по Пиколомини
 

Во почетокот на 17 век, Скопје веќе оддава впечаток на голем и развиен трговски град. Градот и Чаршијата речиси, секојдневно растат, така што бискупот на Бар, Марин Бици во 1604 година ќе запише дека Скопје имало двестотини илјади жители во повеќе од четириесет илјади куќи. Овие бројки секако дека се претерани, но факт е дека многу патници што поминувале и престојувале во него говорат за Скопје како за голем град, кој сега е раширен и на десниот брег од реката Вардар.Тоа го птврдуваат и „вакуфските“ белешки каде тој, по големината и богатството се опишува како втор град во европскиот дел на Турција. Познатиот англиски патеписец доктор Едвард Браун, во 1669 година наведува дека Скопје имал прекрасен безистен со оловен покрив околу кој имало многу улици покриени со штици и многу разновидни занаетчиски дуѓани. Во тоа време, градот извезувал волна, восок, вино, платно, свила, тутун, гајтан, свилен конец, срма и разни златни и сребрени предмети и украси. Турскиот поет Дилгер Зеде, во тоа време пишува: „Долго време патував по земјата Румелија и на други страни и видов многу убави градови и, со благослов на Алаха, бев восхитен, но ниеден толку не ме зачуди и восхити како рајскиот град Скопија, низ кој тече реката Вардар.“ Меѓутоа, наскоро тоа ќе се промени. Австриските трупи ја поразуваат турската војска и генералот Пиколомини влегува во Скопје на 25 октомври 1689 година, а во дневникот ќе запише: „Скопје се протега на голема површина и само малку е помал од Прага. Обиколен е со прекрасни многубројни овоштарници во пространата и плодна, добро култивирана котлина. Градот има околу шеесет илјади жители, од кои две илјади се Евреи.“ Сепак, Пиколомини до темел ќе го разурне и опожари Скопје, поради појавата на чума. Притоа, ќе запише: „Решив иако, не е лесно, градот да го претворам во пепел. Жалам поради куќите, какви не сум видел во оваа војна. Џамиите се од најдобар мермер и порфир, украсени со илјадници светилки на позлатени алкарани, на кои човек би им посветил подеднакво внимание и во Рим. Жалам и поради убавите старини, градини и места за забава. Решив да го запалам градот за на непријателот да не му оставам што било, што би му користело.“ Во големиот пожар што траел два дена (26 и 27 октомври) уништено е се што било со векови создавано. Најмногу ќе настрадат богатата чаршија, во која ќе останат неколку џамии и амами и еврејскиот дел од градот, каде ќе изгорат речиси сите куѓи и двете синагоги.