Исхак – бегова или Алаџа (Шарена) џамија

Исхак – беговата џамија се наоѓа во непосредна близина на централното скопско пазариште Бит – пазар, а според зачуваните документи, овој исламски сакрален објект бил изграден во 1438 година, неполни две години по изградбата на Султан – Муратовата џамијаНејзин ктитор е вториот скопски краишки војвода и еден од најголемите турски војсководачи Исхак бег несомнено, еден од најголемите градители на исламски јавни објекти од профан и сакрален карактер во Скопје. По својата архитектура и димензии оваа џамија е скромна градба, а името Алаџа (Шарена) го добила по инкрустрираните разнобојни керамички плочки, со кои биле украсени фасадата и тамбурот на џамијата. Овие плочки биле уништени за време на катастрофалниот пожар во 1689 година, кога џамијата претрпува огромни штети. Од натписот зачуван на порталот на објектот дознаваме дека таа била преправена во 1519 година од страна на Мехмед, син на Хаџи Џинџи, внук на Исхак бег, при што и биле додадени двата странични кораба. Џамијата има масивна дрвена врата на западната страна на која во плитка резба се изведени ориентални шари. Инаку, некогаш Алаџа џамија претставувала вистински архитектонски комплекс кој, покрај џамијата, го сочинувале конаци, имарет, медреса и турбе. Медресата, што низ вековите била славена како една од најпознатите во Румелија и каде живееле и предавале науки најпознати учители, меѓу кои и славниот поет Исак Челебија, имала десет соби (келии), а освен веронаука, во неа се изучувале и ориентални јазици, исламско право, филозофија и математика. Во рамките на комплексот Исхак бег ја основал и првата позната библиотека (ќутубхане) во Скопје, која во 1445-та и ја завештал на џамијата.