Филигранството – дел од срцето на чаршијата

Филигранството или кујунџиството претставува еден вид на уметнички занает. Всушност, кујунџиството е група занаети бидејќи него го сочинуваат следните четири гранки: кујунџии со лиење и исчукување предмети, филиграни, златари и џеварџии. Кујунџиите со лиење и исчукување изработуваат предмети за сакралните објекти ( цркви, манастири, параклиси ), за стопанството и за домашна употреба.
Џеварџиите кои уште се нарекуваат и јувелири, изработуваат предмети исклучиво со скапоцени камења. Најприсутни се филиграните и златарите, кои изработуваат метален накит од сребро, злато и алпак со различни техники. Накит изработуваат и кујунџиите со лиење.
За да се изработи апсолутно успешен филигран, потребно е сребро од илјада карати. Тоа се добива со рафинирање на сребро од послаб квалитет. Среброто од илјада карати уште се нарекува и ќулче. При изработката на накитот се применуваат бројни операции меѓу кои и белење, вурцисување, златење, калапење, калење, поткојување, стружење лем, сучење тељ итн.
peperutkata[1].jpg
Китењето е старо колку и човештвото. Меѓутоа накитот како професионална дејност е од подоцнежниот период на човечкиот развој. Изработувачите на накитот, кујунџиите, не се случајни, туку талентирани, инвентивни луѓе кои секако имаат дарба за изработување на прекрасен накит.
Занаетот во минатото се учел од 8 до 15 години и секој морал да мине најмалку 4 години во статусот чирак, исто толку и калфа ( помошник на мајсторот ), па да се стане мајстор.
Најчесто кујунџиството минувало во наследство, се пренесувало од поколение на поколение.
Работата на кујунџијата воопшто не е едноставна, туку тешка и креативна. Потребна е голема умешност и трпеливост при изработката на накитот и другите предмети. Посебна одлика на врвното филигранство е во специфичната спојка на накитот односно максимална претпазливост во однос на лепењето се со цел да изгледа совршено. Се случувало на еден предмет да се работи со години но истото многу се ценело и добро се плаќало.
Најголемо достигнување кујунџиството во Македонија има во средниот век, достигнувајќи кулминација во 18 век и во првата половина на 19 век.
фил 1.jpg
Преку филигранот вештите и вредни раце ги испреплеле традицијата и културата на живеење со новото, современото. Создадени се производи кои го сопираат здивот и се празник за нашите очи и душа. Станува збор за спој на умешност, квалитет и уметност.
Неодамна се случи групна изложба на филиграни во објектот „Куршумли Ан“ каде излагачите се претставија со навистина разновидни стилови на изработка.
Настанот беше посетен од голем број луѓе заинтересирани за филигранството, за дизајнот на изработениот накит, но уште повеќе за процесот на изработка.
Со претставувања на класични филигрански парчиња, уникатни комбинации на традицијата со трендовите и модерните дела, се прикажа еден сосема поинаков спој на минатото, сегашноста и секако иднината.
Во Старата скопска чаршија, сите велат дека се враќа интересот за филигранот. Многу млади занаетчии прават вистински уметнички дела работејќи на тенките сребрени жици. Поискусните се среќни што овој занает не изумира и што има светла иднина.
Еден стар мајстор на филиграни во скопската чаршија вели дека со задоволство го пренесува овој занает на помладите кои сакаат да ја научат оваа вештина. Кога станува збор за филигранството вели тој, не е важно среброто туку занаетот, уметноста во обликувањето на сребрените жици. Исто така додава дека тајните на филигранскиот занает не можат да се научат за три или повеќе години. Ова е занает кој се пренесува од колено на колено и најчесто најуспешните филиграни занаетот го имаат научено од семејната традиција.
Во последно време за филигранството има голем интерес, па затоа повеќето од луѓето кои се занимаваат со овој занает, сметаат дека истиот има иднина во Македонија. Помладата генерација изработува поуникатни и помодерни парчиња додека на постарите и поискусните останува старата добра традиција.