Музеј на современа уметност

 

Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје е најкомпетентна и највлијателна институција во Република Македонија во откривањето, негувањето и ширењето на високите вредности што се создаваат во уметноста и културата на нашето време.

Тој располага со драгоцена меѓународна колекција и дава репрезентативен увид во македонската современа уметност. Покрај колекцијата, Музејот во своите простори организира и претставува врвни изложби и манифестации на македонската и странска уметност, разговори со уметници, трибини, филмски и видео проекции, предавања и разни други пропратни активности.


 

 

 Новата зграда

Проектот за зградата е донација на полската Влада, којашто за таа цел распиша национален конкурс на кој беше прифатено заедничкото дело на полските архитекти Ј. Мокшински, Е. Вјежбицки и В. Клишевски. Зафаќајќи вкупна површина од 5000 квадратни метри, зградата на МСУ ја сочинуваат три поврзани крила во кои се распоредени салите за повремени изложби, просторот за постојаната поставка, салата за предавања, филмски и видео проекции, библиотека и архива, администрацијата, конзерваторската работилница, депоата и други помошни служби. Големите парковски површини, кои овозможуваат инсталирање на разни скулпторски проекти, како и пространиот паркинг ја дополнуваат непосредната околина на Музејот на современа уметност.

900 Изложби
Покрај колекцијата, МСУ организира и претставува домашни и меѓународни изложбени проекти од областа на уметноста, фотографијата и архитектурата. Тој е единствена институција во Македонија којашто континуирано цобира и обработува комплетна документација за македонската уметност. Тој исто така е единствена институција каде што се прикажуваат историски релевантни филмски дела, но и посебно конципирани авторски или национални програми од рецентната филмска продукција. Значаен дел во дејствувањето на МСУ завземаат и видео програмите, перформансите, предавањата, трибините, семинарите и разни други придружни активности. Екстензијата во специфичните едукативни активности имаат за цел да ја приближат уметноста до што поголем број заинтересирана публика. Кон овие намери се придружува исто така и се пораширената издавачка дејност на МСУ со посебни филмски, едукативни и критичко-теориски изданија, како и издавањето на “Големото стакло”, единственото списание во Македонија посветено на визуелните уметности.