Годишниот панаѓур

Императорот Роман Трети Аргир (1028 - 1034) се зазема за заживување на значајниот христијански црковен пункт на Скопје - манастирот Свети Ѓорѓи Горгос (Скоропостижник) што се наоѓал на местото каде денес е Султан - Муратовата џамија. Според зачуваната Виргинска грамота, императорот му дал одобрение на манастирот да организира годишен панаѓур на празникот „Воведение на Богородица“ на 21 ноември секоја година, како и неделен пазар најнапред секој петок, а подоцна и во вторник. Овие трговски манифестации се одржувале на манастирската ливада (всушност, на периферијата на тогашното скопско подградие Доленград) односно, на местото каде денес се наоѓа Бит - пазар. Годишниот панаѓур и неделниот пазар набргу стануваат толку познати, што на нив има посетители и трговци дури и од најодалечените места на Царството. Посебно значајно е присуството на дубровничките и венецијанските трговци, кои наскоро, без и самите да бидат свесни, ќе станат несудени основачи на Скопската чаршија.