Љубов од четири страни

Teшки биле времињата кога морало да се мине низ пеколни маки за да се доближиш на некоја девојка. Се вртеле кругови и кругови за да се види еднаш, или евентуално, двапати во вечерта на корзо за да се разменат неколку срамежливи погледи на поминување. Епа тоа корзо за кое говорам се наоѓало во Старата скопска чаршија.


Зборот чаршија потекнува од турскиот збор „чарши“ што во превод значи плоштад со приоди од сите четири страни. За нас чаршијата секогаш претставувала значаен локалитет со тесни калдрмисани улички, чешми, шадрвани, џамии, анови, караван – сараи ..... Чаршиските улици пак имале карактеристичен изглед поради тесната градба и специфичните дуќани кои се граделе еден до друг како да се под ист покрив. Фантастичен сплет на занаети, ароми, вкусови, богатства...
Совршено место за кафе пауза и прошетка. И така се случи ...

„Џамбаз“ ни кажа дека се чекало ред за опинци, за сандали. Тешко било да се постигне.„ Сега се купува , но страста ја има само кај странските туристи како нешто невидено досега. Занаетот е исклучително внимателен и голема е борбата на кого ќе се пренесе“ , ни раскажа. Се нагостивме и во „Дестан“ . Фамозно испечените ќебапи ќе ве остават барем еден час да уживате во идилата на чаршијата. Нема да поверувате ако ви ја откриеме дневната количина ќебапи „Дестан “ .
По ваква психичка и физичка гозба, како јаготка на шлагот не е возможно да го заобиколиме „Колумбо“. Ги јадевме најубавите „индијанки“ во светот. Всушност, светот најверојатно не знае што се тоа „индијанки“. Единствено „Колумбо“ го дознал тоа и умешно го спроведува години наназад. 

За секоја калдрма по една тајна. Совршена до крај. Најсовршена ни се виде конструкцијата на најмалата улица во градот, поточно улицата„ Белградска“ на која верувале или не, се наоѓаат осумнаесетина дуќани и две кафулиња. Во овој дел се наоѓа и најстариот сочуван дуќан во чаршијата кој сам по себе претставува историски објект за нашето Скопје. Истиот е сеуште посетен и работи со полна пареа како и пред многу децении наназад. Вие сами одлучувате дали архитектурата ќе биде таа што ќе ве примами внатре или можеби квалитетниот текстил „на метро“ кој сеуште го продаваат.Комплексниот сплет на култури, религии , цивилизации и децении не ве оставаат да запрете тука. Сé во еден здив. Сé ви се чини примамливо. И филиграните  и златарите , и кујунџиите, па дури и јорганџиите. Сакате да земете сé со себе, да ги видите сите оние кои оставиле печат на чаршијата.

Само за миг помислете на уметност и веднаш сте пред Чифте амамот. Совршено изграден и сместен во срцето на чаршијата. Погледот ќе ви го долови и да сте во најголемата чаршиска гужва.

Во секој поглед поразличен од другите, во овој двоен амам женскиот и машкиот дел се спојуваат само кај делот за капење. Овие денови тој е претворен во совршена галерија каде изложби имаат многу од домашните и странски уметници.
Се радуваме на секоја нова!

Како сведок на постоењето и развитокот на османлиската култура на балканот го посочуваме единствениот Даут Пашин Амам. Фамозен и ориентален денес ни ги прикажува најубавите звуци на Скопското лето кое секоја година е дел од Даут Пашиновиот Амам.
Да не говорам пак за ановите. Толку прекрасни и спокојни , некои од нив нудат единствена гозба и душевен мир. Куршумли, Сули, Капан... Најдобрата кујна и уметност што можете воопшто да си ја замислите. Единствени!
Џамиите и црквите, апсолутни споменици на културата и религијата . Толку едноставни а во себе кријат милион приказни. Небаре ја оживуваат историјата.
Постојат уште голем број на дестинации кои можат да ви овозможат да уживате во Скопската чаршија. Уште многу мали места кои можат да ве направат посреќни и да ви гиоттргнат мислите од градската гужва. А само замислете како ќе изгледа сега кога повторно ќе ни ја оживеат. Сé ќе биде како порано. Музика, танцување, накит, кујна, уметност.

Турскиот патеписец Евлија Челебија милува да спомене дека Скопската чаршија многу наликува на Багдатската. Тој никогаш не заборавил да ни укаже на вонредната убавина на нашата чаршија како сплет на култури и приказни кои ќе останат да постојат. А на нас останува да ги заживееме.

Министерството за култура не почести со неколку проекти, не само од областа на архитектурата, туку и културата, со кои заедно ќе пробаме да го вратиме културниот живот во Скопската чаршија. Заедно да се потрудиме да ги воскреснеме најубавите и најплеменитите градби во чаршијата и секако истовремено да го активираме повторно кулурниот и ноќниот живот во Скопската Чаршија.

Најкомплексен и секако најинтересен проект за изработка претставува  Арт базаарот кој истовремено е и најголем предизвик на „оживувачите“. Составен од неколку етапи, почнува од обновување на најстариот дуќан во Скопската чаршија а завршува со санација на еден од најважните објекти во чаршијата, Француската банка. Најстариот дуќан секако претставува еден од најтешките проекти за санација со оглед на претрпените промени во земјотресот во 1963 година.

За реконструкцијата, конзервацијата и санацијата на најстариот дуќан во чаршијата и Француската банка, д-р Кокан Грчев архитект – историчар на уметноста вели : „ Следејќи го принципот на транспарентно и постојано информирање на јавноста за активностите на Координативниот одбор при Министерството за култура, на таков начин се вршеше и одредено анимирање и подвлекување на значењето на овој сложен зафат. Одредени реакции и коментари во однос на некои проблеми и дилеми во врска со нивната реализација, досега веќе беа амортизирани, па одтаму, сметам дека проектот за „Арт Базарот “, кој беше претставен на годинешното Биенале, на одреден начин ја оствари очекуваната мисија на „активна комуникација“...

Министерот за економија, Фатмир Бесими, во поглед на финансискиот дел изјави дека занаетчиството во целина има потенцијал кој не е доволно искористен, а за чие надградување и максимизирање на ефектите е потребно унапредување пред сé на конкурентноста на занаетчиството како стопанска и услужна дејност. Министерот даде и преглед на значењето на Стратегијата за развој и поддршка на занаетчиството, која е во фаза на изработка од страна на Министерството за економија. Тој додаде дека преку подобро деловно опкружување, креирање на развојни системи, системски концепт за заштита на интересите на занаетчиството и современи тренинг програми ќе се придонесе за зголемување на улогата на занаетчиството во рамки на целокупниот економски систем и во јавниот живот.
За да блесне уште повеќе заживувањето на чаршијата неодамна се одржаа и „ Деновите на занаетчиството“ во Старата Скопска Чаршија. Во организација на Занаетчиската комора на Република Македонија, Занаетчиската комора Кобленц од Сојузна Република Германија, а во соработка со Министерството за економија на Република Македонија, за прв пат кај нас се организира настан од ваков карактер кој има за цел да го промовира занаетчиството низ повеќе градови во Македонија.

 
Претседателот на занаетчиската комора на Република Македонија, г-дин Глигор Цветков ја отвори манифестацијата, посочувајќи дека ЗКРМ се стреми кон развивање на рамковни услови за развој и унапредување на занаетчиството како економски двигател, чувар на традицијата и културата и како креатор на иден кадар со компетенции и вештини, со што се гарантира конкурентност и квалитет. За прв пат беше организирано и прогласување на „Занаетчија на годината“, со надеж истото да прерасне во традиција.

Главниот извршен директор на Занаетчиската комора Кобленц, г-дин Александер Баден порача да се грижиме за занаетчиството затоа што тоа ќе ни се заблагодари со свој придонес во националните економии.
На тоа се надоврза претседателот на Занаетчиската комора Кобленц, г-дин Вернер Витлих, кој оптимистички додаде: „ Верувајте ми, Вашиот труд ќе биде стократно награден, ако придонесете занаетчиството да стане напреден дел од микро-економијата и ако младите модерно образовани луѓе еден ден од Вас ја преземат штафетата. Свеченото затворање на оваа манифестација ќе се случи во Струмица како последен град кој ќе ги одбележи „Деновите на занаетчиството“.

„Деновите на занаетчиството“, зачувувањето на традиционалните занаети, формирањето туристички информативен центар, апартман-ателјеа за уметници и отварањето ресторани со традиционална храна, се само дел од петгодишната програма за ревитализација на чаршијата.

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска умее да каже дека Старата чаршија е прекрасен музеј на отворено, место каде што живата архитектоника на традицијата раскажува за соживотот, мешањето на културите и обичаите. Таа додава дека програмата за нејзиното заживување доаѓа само една година по Законот за прогласување на чаршијата за културно наследство. Со Законот е извршена идентификација на добрата, во поглед на нивниот назив, категорија, граници и контактни зони, како соодветниот режим на заштита и управување.
Врз основа на програмата ќе се изработат акциони планови кои ќе овозможат трајно зачувување на историските, архитектонските, урбанистичките, етнолошките, социолочките и другите вредности на чаршијата.
Замислете само како ќе изгледа ова најстаро урбано скопско јадро. Ќе се вратат старите и најубави ресторани, младите ќе имаат ново место за ноќни лудувања, извонредни локали и сосема нов културен живот.

Ќе се врати духот и виталноста на чаршијата. Ќе има виулици од луѓе, кои беспрекорно ќе танцуваат на ритамот на чаршијата и ќе уживаат во најубавите вина и кујна во светот. Ќе се роди нова генерација на луѓе кои некогаш ќе ни раскажуваат за чаршијата. Ќе ја споменуваат како споменик на културата, занаетите, и убавите нешта. Ќе создадеме нови тајни за калдрмите. Како порано, за секоја по една. Ќе создадеме нова љубов, нови насмевки, нови романси.

За неколку децении ќе се пофалиме дека ние сме тие што ја оживеале чаршијата и не сме дозволиле едно од најволшебните места во Скопје туку така да ни се лизне од раце.
Запомнете...
 
Напишано од Александра Маневска