Дали египетскиот султан бил во Скопје?


Во 378 година од нашата ера во Скупи престојувал римскиот император Теодосиј. Оттука тој управувал со воените операции против Готите. Истата година, Теодосиј го издал познатиот Закон против дезертерите, кој го носел печатот на Скупи. Царот Грацијан Валентијан, исто така, издал кодекс кој бил потпишан и датиран во овој град.
Императорот Клавдиј Регалијан кај Скопје водел пресудна битка против Роксоланите. Во околината на градот пронајдена е мермерна статуа на императорот Галиен. И тоа не е случајно. Галиен кај Скопје ги победил Сарматите. Царот Јустинијан потекнува од овие краишта, подоцна, во средниот век, свој белег оставиле цар Самуил и цар Душан, а престојувале и повеќе султани. Султанот Бајазит Скопје го сметал за втора престолнина, по Едрене, пред да биде освоен Цариград.
Но постои една многу интересна приказна во која се мешаат легендата и стварноста. За неа пишувале познати научници, истражувачи и хроничари. Имено, кај истражувачите меѓу двете војни може да се сретне податокот дека во Скопје живеел и бил погребан египетскиот султан по име Мулќи Мисија, чиј псевдоним бил Горија. Точно се знае и местото каде што бил неговиот гроб. Тој се наоѓал во Касапската чаршија на Бит-пазар, наречена Касапхане каде што денес се поставени бројни тезгиња на кои се продаваат железарија, електроматеријали и делови за водоинсталатерски потреби. Пред земјотресот тука се наоѓаше пазарот за живина познат како Кокошкин пазар.
Многу одамна тука бил и Стариот амам, кој го изградил Исак-бег, а кој денес не постои. Според тврдењата на очевидци, наспроти амамот, постоел гроб со натпис: "Владетел на Египет, султан Гури". Се разбира, трансформацијата на она Горија во Гури не е невообичаена. Како се случило таков гроб да постоел во Скопје, и што зборува за тоа историјата? Приказната се поврзува со турскиот султан Селим 1, наречен Јавуз (Суровиот).Тој дошол на власт со државен удар против неговиот татко Бајазит 2. Иако владеел кратко време (1512-1520), се смета за еден од најуспешните султани. Го освоил Египет во 1517 г., а власта ја проширил и врз светите градови Мека и Медина. Во битката, која се одиграла кај месноста Дабук, египетскиот султан Гури бил поразен и погубен. Според други извори, тој успеал да побегне, за да се спомнуваат потоа неговото име и неговиот гроб во Скопје. Дали тука, заборавен и отфрлен, го поминал животот?
За овој настан пишува и претседателот на Скопската општина Салих Асим, во кратката историја на Скопје. Тој бил успешен претседател од крајот на 19 и во првите децении на 20 век. Неговата книга беше објавена на македонски јазик пред неколку години, во превод на Драги Ѓоргиев. Понатаму приказната се развива како во некоја романескна или филмска сторија. Во неговата книга вака пишува Асим:
"На гробиштата во околината на местото, кое порано се викало Касапхане, а денес се смета за пазар за кокошки, постоеше еден гроб врз чиј камен беше напишано 'Владетел на Египет, султан Гури'. Немаше датум". И овој автор наведува дека битката се одиграла кај месноста Дабук, но открива и еден необичен податок - дека египетскиот султан во Скопје работел во амамот на Исак-бег, кој веќе бил изграден и функционирал. Дали и тоа било дел од судбината на поразениот владетел? Што се однесува до локалните легенди, Салих Асим пишува: "Гури стапил во служба во амамот на Исак-бег, чии урнатини се гледаа до неодамна, а кој се наоѓаше спроти споменатиот гроб. Додека работел во споменатиот амамм на неговиот појас имало еден печат со напис 'Владетел на Египет, султан Гури'". И други историчари пишуваат за овој настан и откриваат нови детали кои можат да бидат интересни за египетскиот султан. Имено, дали е случајност што токму во Скопје живеела царска ќерка, која била поврзана со владетелот Селим 1 Суровиот? Тоа, всушност, била ќерката на неговиот син Мехмед-бег. Нејзиното име било Хема Шах султанија. Погребана е во Скопје, а имала свое турбе, училиште и вакуф. Дали постои некаква поврзаност меѓу египетскиот султан, царската ќерка и нивниот престој во Скопје?
Се разбира, сето тоа се претпоставки, но и можни насоки за истражување.
Скопје многупати е разурнувано од војни и природни катастрофи, при што се уривани неговите белези, световни и сакрални објекти, мостови, гробови, училишта. Она што постоело како реален факт, кога ќе исчезне, се претворало во легенда и претпоставка, како што можеби се случило и со гробот на египетскиот султан. Сепак, сето тоа зборува за богатата историја и традиција на еден град.
 
Данило Коцевски