Скопското маало повисоко од грбот на камила

Постои во Скопје едно маало кое го викаат маало повисоко од грбот на камила. Кое е тоа необично маало и зошто така го викаат? Приказната е многу интересна и многу стара, и се протега далеку во минатото. Но и во нашата сегашност. Зошто името се поврзува со камила, и дали во Скопје некогаш имало камили?
Маалото е мултиетничко, и кога се зборува за соживотот на етникумите во Скопје, тоа е најдобриот пример, особено пред земјотресот и пред расчистувањето на тој дел од градот за отворање на булеварот кој води кон хотелот "Континентал". Го опфаќа просторот околу Иса-бег џамијата. Иса е третиот краишки војвода или заповедник на Скопје, по неговиот дедо Игит-паша, и таткото Исак-бег.
Последните истражувања укажуваат дека тој со неговата војска тргнал од Скопје и учествувал во освојувањето на Цариград во 1453 година. Бил миленик на султанот, и ги контролирал Дубровчаните кои главно, преку Скопје, тргувале со Истокот. Со ова маало и со оваа историска личност се поврзани многу значајни настани и градби. На тој простор се наоѓала една од најголемите библиотеки на Балканот во тоа време, која содржела книги од областа на граматиката и поетиката, медицината, филозофијата, на природните науки. Таа е опожарена за времето на Пиколомини, а нејзините остатоци можеле да се видат сè до почетокот на дваесеттиот век. Медресата била надалеку позната и во неа предавале познати професори. Џамијата е подигната во 1475/6 година, а судбината на бегот е многу необична, бидејќи не се знае каде е погребан (Скопје или Сараево), и кога починал. Се смета дека загинал во крвавата битка меѓу Унгарците и Турците на Лебното Поле каде што, како еден од четворицата водачи на турската војска, се споменува и Иса-бег. Во дворот на џамијата се наоѓа многу стар чинар, кој е споменик на културата, има над петстотини години, а засаден е уште за време на изградбата на џамијата. Чинарот и денес му дава посебна убавина и патина на целото маало и на целиот тој крај. Инаку, куриозитетно е што оваа џамија има две карактеристики кои ја разликуваат од другите во градот - минарето нема темел, тоа израснува од самиот објект, и има две големи полукружни куполи.
Ритчето што се спушта од Саат-кулата оформува едно возвишување кое потсетува на грб од камила. Тука некогаш поминувала маалската калдрма, и нејзиното искачување и спуштање низ ритчето создавало необична слика. Затоа, кога мештаните ќе ги запрашале од кое маало потекнуваат, тие одговарале: "Од маалото каде што минарето е без темел, а калдрмата повисока од камила". Инаку, маалото се нарекувало и Исакие евлери.
Спомнувањето на камили во Скопје не е случајно, бидејќи нив ги имало речиси низ целата негова историја. Како град на трговијата и град крстосница, карваните со камили биле секојдневје. Затоа ваквата споредба не е само фигуративна туку е резултат и на она што конкретно можело да се види во градот. Но посебно е интересен фактот што не станувало збор само за карвани кои попатно минувале туку и за оние кои биле формирани во Скопје и во другите македонски градови, со автентични кираџии, кои биле мештани Македонци. Како се случило тоа? Ваквите карвани со камили се поврзуваат и со времето на Наполеон, од почетокот на деветнаесеттиот век. Во тоа време, Франција, поради разните блокади, имала големи потреби од увоз на памук. Ние знаеме сè за Патот на свилата, но малку знаеме за нашиот автентичен Пат на памукот или Белиот пат. Како што забележале постарите хроничари, извозот на памукот се организирал и од Македонија кон западноевропските земји. Карваните со кираџии се оформувале главно во градовите во внатрешноста, а нивната патека била следната: тргнувале од околината на Струмица, потоа, преку Велес, стигнувале до Скопје, а оттаму кон Запад. Подоцна, по овој Бел пат се пренесувала и друга стока произведена кај нас, со што Скопје станал доминантен трговски центар.
Сите карвансараи во градот биле со високи влезни порти, за да можат низ нив да поминат натоварени камили. Во близината на маалото за кое зборуваме се наоѓал карвансарајот Капиџи-Баши Синан. Затоа во народот останала поговорката "Ако се дружиш со камилар, треба да имаш високи порти". Оваа традиција на карвани со камили останала многу долго во Македонија. Забележан е податокот дека последните камили од ваквите карвани му биле продадени на еден чешки циркус дури во 1937 година.
 
Данило Коцевски