Златните раце на скопските златари

Првите модерни скопски златари се појавиле во времето по Првата светска војна и периодот меѓу двете војни. Меѓу нив најпознати биле Иван Глигоров, Фрањо Јак, Јован Капетановски, Јозеф-Бег Широка, Мон Баталак, Ефтим Анчев, како и Михајло Клисарев. Во тоа време накитот се изработувал рачно, а за тоа биле потребни многу трпение, време, вештина и чувство за уметничко обликување. По Втората светска војна повеќе се работело во задруги, филигрански и златарски. Подоцна биле отворени и самостојни златарски дуќани, а, освен рачно, во шеесеттите години започнала и машинската обработка на легури од злато, како и употребата на центрифугални машини за лиени модели. Но, во тоа време уште биле на глас старите мајстори со своите златни раце Џон Домика и неговиот син Стеван-Џон, Симон Јаки (неговите двајца синови Петар и Роберт Јаки не го продолжиле занаетот), браќата Капетановски, Јован и Димче, Алојз Гомбар, Иван Глигоровски. Околу одредена група стари мајстори се формирале јадра од чираци и калфи како нивни наследници. Такво јадро постоело и околу еден од најстарите мајстори, Ефтим Анчев, кој го учел златарскиот занает во Цариград. Кај него учеле и Кочо Гушевски и Мицко Клисарев, кои отвориле самостојни дуќани. Од дуќанот на Клисареви произлегле неколкумина врвни мајстори како Назим Јонуз и мајсторите Речко и Ајрула. Секој мајстор поседувал своја лиценца, имен жиг, со иницијали од презимето и името на производителот. А сето тоа било под надзор на државната Контрола за мери и скапоцени материјали, која била гаранција за вредноста на изработката.
Во 1957 година била формирана златарско-филигранската задруга "Скопје", која во 1966 година прераснала во "Рубин Скопје". Нејзин директор бил Јаки Шин Зеф, а во неа работеле и Васо Ставриќ и Кристо Ујкадари. Подоцна дошло до фузија на "Рубин" со "Кармин" и "Хронометар" и настанал "Рубин Кармин".
Патрони-светци на скопските златари биле свети цар Константин и света царица Елена, и тоа бил нивниот празник. Го одбележувале со масовни излети и дружења. Постоел и фудбалски клуб на златарите, составен од мајстори, калфи и од чираци.
"По војната, златарите живееја од работна рака, главно од преработка на донесено злато од муштериите, но подоцна се изработуваше и оригинален накит за продажба. Ќе ви кажам нешто што е многу интересно, а е подзаборавено. На пример, се изработуваа обетки наречени 'ел ќупе', што значи рака или 'ќуш ќупе', што е форма на птица. Се правеа и украси наречени 'јелдаз' или ѕвезда, потоа 'пандефтиња', кои беа украсени со разни орнаменти, 'менекше', кои се изработуваат со игли и федери за прицврстување", вели Симе Клисарев од познатото скопско семејство златари.
Денес се останати многу малку автентични златари, доминантни се сериската обработка и увезениот накит од Турција или од Италија. Сепак, кујунџиството, филигранството и златарството опстојуваат и му пркосат на новото време. Старите добри мајстори и денес постојат како наследници на една долга традиција. Сите значајни имиња од таа традиција не можат ниту да се наведат. Сепак, еден од мајсторите со горчлива насмевка вели: "Од многуте златари денес, само неколкумина се автентични".
За жал, времето си го прави своето, но вистинските мајстори-златари нема никогаш да исчезнат.
 
Данило Коцевски