Бунарите на еврејските трговци во Чаршија

Голем придонес во економскиот развој на Чаршијата и воопшто на Скопје имаат еврејските трговци. Тие се исклучително заслужни за многубројните аспекти од живеењето на градот низ вековите.
Во близина на стоковната куќа "Мост" се наоѓа еден комплекс од стари згради, кои можеби веднаш нема да ги забележите кога ќе поминете покрај нив. Тие се по малку таинствени, а во себе кријат вистинско богатство на традицијата. Тоа се старите дуќани и магази на еврејските трговци од Скопје. Постои надворешна железна врата и кога низ неа ќе влезете во објектите, ви се присторува како да влегувате во друг, поинаков свет на Чаршијата. Вревата наеднаш стивнува и ве пречекува тишината на минатото и на историјата.
Тие стари згради, на еден функционален начин биле поврзани меѓу себе. Две од нив се со влез од кај Чаршијата, а третата, највисоката, се наоѓа погоре кон Калето, на денешната улица Самуилова бр. 2. Во нив се влегува на необичен начин, од една зграда во друга, со скали и премини од кои некои денес се полуразурнати или затворени. Внатрешните премини воделе дури до високата зграда на улица Самуилова. Оттаму, очигледно, се вршел дотур на стоката во дуќаните. Што претставувале и зошто, всушност, служеле овие објекти? Тоа биле дуќани, но и продажни простории и салони на познатото семејство Ароести (Хаим и Соломон). Зградите имаат приземје и два ката, со двојни скали од левата и од десната страна во просториите, што претставува типичен пример за ентериерите и салоните во тоа време.
Но дел од тие простории, приземните и подрумските, биле дуќани во кои се произведувала, односно се преработувала кожа, а во еден дел и волна. За таков вид преработка биле потребни бунари и извори на вода, неопходни за подготовка, плакнење и завршно обликување на стоката. Тие бунари и денес постојат. Некои од нив се покриени, но преку специјалните отвори лесно се открива активното постоење на водата во нив. На овој начин зачуван е дел од традицијата. Високата жолта зграда на улица Самуилова, според нејзината необична внатрешна конструкција и распоред на просторите, веројатно, имала слична производствена намена.
Во написите пред војната може да се прочита дека кај Хаим Ароести во "мануфактурното одделение има: памучни изработки од сите видови, голем избор на америкен (кабот), англиски шифон. А во кожарското одделение: домашна и странска преработена кожа". Интересно е дека во горниот дел двата објекта ги поврзува една голема тераса, која до денес е речиси непозната. Од неа се отвора прекрасен и помалку познат поглед врз Чаршијата и Скопје. Оваа приказна за бунарите, за старите трговски дуќани и салони ми ја открија мајсторите од Чаршијата кои денес се починати: Стојче Гиев, бравар, и мајстор Мирко, клучарот. Во дуќанот на мајстор Стојче Гиев денес се наоѓа винотеката "Темов", позната по најновото заживување на Чаршијата. Мајсторот секој ден доаѓаше во дуќанот за да го отвори, иако беше во години и не можеше веќе да работи. Раскажуваше дека во 1926 год. бил чирак во Чаршијата, работел во дуќаните на еврејските трговци, но и помагал при изградбата на нивните семејни куќи на Илинденска. И тоа кај Талси Хаим Соломон, Коен Јудим Јаков и Талси Каин Исак.Мајстор Мирко, чиј дуќан се наоѓа во непосредна близина на објектите, се сеќаваше дека во летните периоди, пред повеќе години, доаѓале потомците од семејството Ароести што живееле во Америка, опремени со фото-апарати, и носталгично ги фотографирале старите згради. Познато е дека Соломон Ароести, кој бил сопственик и на текстилна фабрика, имал двајца синови Пепи и Џисто. Во Скопје, исто така, беше познат и пасажот "Ароести", кој се наоѓаше во близината на Дрвеното мовче, од десната страна на Вардар кај Поштата, а се урна во земјотресот.
Старите дуќани и салони се градени во дваесеттите години од минатиот век. По војната, главно беа продавници за текстилна стока, а со нив стопанисуваа претпријатијата "Југотекстил" и "Трготекстил", кои се фузионираа во средината на '70-тите години. Денес во нив се наоѓаат приватни фирми, а објектите, за жал, покрај индивидуалните иницијативи, се недоволно одржувани и не се целосно искористени.
Со оглед на тоа дека се наоѓаат во срцето на Чаршијата и на градот, имаат огромна квадратура, функционален простор и прекрасна тераса, би требало да се поддржи идејата овие објекти да се адаптираат и да прераснат во исклучително привлечен културен простор, чиј спој на традицијата и современоста би бил вистинска атракција.
 
Данило Коцевски