Откријте ја тајната на Ѓаковачки ан

Тука е, на дофат на раката, а го нема. Затскриен е од другите објекти во Чаршијата. Кога ќе влезете во неговиот двор, наеднаш ве заплиснуваат историјата и патината на времињата. Стари дрвени скали, дрвени потпирачи на чардакот, изронета фасада. Располага со околу 25 соби, а двата негови објекта се меѓусебно поврзани. Спроти нив сè уште постојат, иако преадаптирани, просториите за добитокот на гостите што престојувале во анот, за складирање на сеното и разни други потреби. На влезот има масивна железна врата останата од некогаш.Но уште поинтересно е што во него денес живее една млада анџика, на која анот е вистински дом. Таа е еден од сопствениците. Кога ќе ја чуете приказната на Вики Тодорова, за анот и нејзината семејна лоза, оваа чудесна приказна за карактеристиките на некогашно Скопје, старите семејства, ановите, занаетите и трговијата по кои бил надалеку познат градот ќе ви стане уште поблиска.
На крајот на 19 и почетокот на 20 век, Петар Михајловски, скопски трговец со платна, го купил анот од еден Турчин. Анот, најверојатно, го носи името според местото од каде што потекнувал неговиот прв сопственик. Газда Петар, освен анот, поседувал и дуќан во Чаршијата. Во дваесеттите години, една од неговите ќерки се омажила за чаирчанецот Коце, чевлар, кој имал дуќан и куќа во близината на Саук Чешма. Семејството на чевларот било познато и по прекарот Теќелиевци, поради теќето што се наоѓало во близина. Интересно е дека и, според други сведочења и записи, по текот на Серава во Чаир се наоѓале и други, главно кожарски, папуџиски и чевларски дуќани. Подоцна некои од нив се преселиле во Чаршијата околу Капан ан, каде што, главно, биле концентрирани овие занаети. Првата рожба од бракот на чаирчанецот Коце и ќерката на Петар бил таткото на денешната сопственичка на анот и наша соговорничка, Вики Тодорова.
Подоцна газда Петар му го оставил анот на својот син Тодор, според документот во кој се вели дека тестаментот е прочитан на глас според записникот од 18 јуни 1935 година и потписот на Петар Михајловски, платнарски трговец. Но синот Тодор, кој ги загубил двете свои деца во Втората светска војна, им го препишал анот на своите внуци од сестрите, меѓу кои и на Вики Тодорова.
Анот е национализиран и одземен од Општината Калеж во 1959 година, раскажува Вики денес. "Дедо ми Тодор останал на улица, а подоцна му биле вратени само неколку соби во објектот. Јас врз себе си зедов тешка задача и обврска: да ја повратам сопственоста на анот кој му припаѓал на моето семејство. По долги години упорна борба, расправии по судови, прибирања на купишта документи и ангажирање адвокати и правни лица, конечно успеав! Кога процедурата за денационализација беше завршена, отидов на гробот на прадедо ми Петар, платнарски трговец, и на дедо ми Тодор и реков: 'Дедо, јас го исполнив твојот аманет - повторно го вратив имотот што ни припаѓа'".
Денес Вики живее со својот син во анот, тоа е нивни дом.
"А зошто би живеела на друго место? Наместо да одам подалеку од градот, овде живеам во центар. Сè ми е на дофат на раката. Во тестаментот за анот, како и од податоците за куќите со кои се граничел тој, открив многу стари семејства: Димитриј Хаџи Костиќ, Самуел Камхија, Милан Чавкаровиќ, Енвер Мустафа, потоа Зое, Дијаманди и Атина од семејството Корнети", вели Вики.
Анот денес се наоѓа на улицата Градиште и е заштитен со закон. Во документите се споменуваат и улиците Поречка, Тетовска, Кондино, како и улицата 108.
Вики Тодорова е со жив темперамент, полна со дух и оптимизам, таа е чудесен, речиси романескен лик. Често пати останува сама во анот, и тогаш и се враќаат сликите од минатото и ликовите од семејството. Живее во центарот на Чаршијата, а, сепак, е затскриена од окото на љубопитните. Зимските ноќи се тивки и мирни, додека летото е повозбудливо. Сега Чаршијата е жива, полна со луѓе. Тука се многубројните кафулиња "Дамар", "Паша", "Наргиле", винотеката "Темов".
"Бескрајно ја сакам Чаршијата и уживам во неа. За миг, од анот се наоѓам на терасите од кафулињата. Супер ми е, цел град е тука, одам на музика во 'Пивница' кај Пане. Свират разни бендови. Не пијам алкохол. Понекогаш, за комшиска колегијалност, испивам голтка црно пиво. Доцна во ноќта, до мене допираат и звуците на музиката од Капан ан. Ми се мешаат времињата некогашни и сегашни. Прекуден, близу ми се пазарот и бурекчилниците, 10 денари симит, 20 денари бурек", додава Вики смеејќи се.
Додека разговараме, дојде нејзина пријателка, требаше да одат на отворањето на обновената стоковна куќа "Мост". На крајот, додава дека изутрина треба да стане порано. Работата го бара тоа, таа е службеник во една државна установа.
 
Данило Коцевски