Хидраулични столпчиња

На сите влезови во Старата скопска чаршија денеска беа поставени хидраулични столпчиња, донација од ЕУ, со кои ќе се спречи влез со автомобили, а чаршијата станува пешачка зона.
 

 
Градоначалникот Меџити рече дека се поставени 24 столпчиња и додаде оти се работи за проект во вредност од 110 илјади евра, донација од ЕУ, како награда за најуспешна општина.
- Со ова во Старата скопска чаршија се забранува влез со автомобили, а чаршијата се претвора во пешачка зона. Во исто време придонесуваме и за заживување на Старата скопска чаршија, изјави Меџити.
Тој информира дека во утринските часови од 06 до 09 часот сите дуќанџии ќе имаат пристап  за дотур на стока, а потоа ќе биде забранет влезот со автомобил. Само во итни случаи ќе биде дозволен влез за возилата на Брза помош, Полиција и на Противпожарната бригада.
- Многу е важно за нас да ги поддржуваме проектите како овој. Се работи за проект со кој покажуваме дека ја поддржуваме децентрализацијата, многу важен дел од Рамковниот договор и за начинот на кој функционира општеството во Македонија, рече евроамбасадорот Соренсен и изрази надеж дека со овој проект Старата скопска чаршија ќе стане попосетено место, место за рекреација и за шопинг.