Заживување на Старата скопска чаршија

Поставување сигнализација и патеписи до нејзините значајни културно-историски споменици и изработка на промотивен материјал,  предвидува денеска промовираниот локален акционен план на Проектот за развој на културниот туризам во Скопје, Мостар и Сараево.

Целта е заштита и валоризација на старите јадра - Старата скопска чаршија во Скопје, Стар град во Мостар и Баш чаршија во Сараево. Проектот, чиј носител е невладината организација Оксфам, е финансиран од италијанското Министерство за надворешни работи, а се спроведува  во партнерство со шест италијански  региони, под раководство на Тоскана.

 
- Анализите на проектот покажуваат дека доаѓа до изумирање на старите занаети и токму тука е нашиот  фокус. Сакаме да ставиме акцент на развојот и нивно зачувување, изјави Срѓан Димитриевиќ, раководител на  Проектот за развој на културниот туризам за активностите во Скопје.
Тој најави дека преку проектот ќе се финансира реновирање на четири деловни  простории кои ги обезбедил Градот Скопје, а кои во рамки на чаршијата ќе  бидат интегрирани во центар за занаети.
-  Сметаме дека со воспоставување на центарот ќе посветиме внимание на старите занаети кои се наша традиција и се главна одлика на Старата скопска чаршија. Во рамки на центарот  за занети кој ќе има  изложбен, работен и промотивен карактер се планира да се организираат  отворени работилници каде ќе се презентираат, изработуваат, изложуваат  и продаваат занаетчиски производи, појасни Димитриевиќ.
Таквите активности очекува да придонесат за збогатување на содржините во чаршијата и за зголемување на бројот на нејзини посетители. Тоа, како што рече, ќе значи економски бенифит за луѓето што работат во старото скопско јадро, но и поголема конкурентност на чаршијата и Градот Скопје.
Според Селма Наметак од НВО Оксфам, Имиџот на културниот туризам на Балканот се уште е негативен поради одредени предрасуди, но и неситематскиот пристап кон богатата понуда.
-Во последните години нашиот простор на Баканот сеуште во светот има за жал негативен имиџ. Станува збор за предрасуди,   но тоа се факти. Треба да се направи уште многу,  односно да се насочиме кон поврзување на територијалните ресурси, смета Наметак.
Во Македонија, додаде, има огромен потенцијал  за културен туризам кој треба систематски да се поврзе и промовира, но и да се се вложува во негово зачувување.
Проектот за развој на културниот туризам се спроведува од мај 2009 година, а ќе трае до ноември  следната година.  Тој е дел од транслокалната мрежа за соработка меѓу Италија и Југоисточна Европа.