Интервју: Оливера Џартовска Тачевска

- Би требало да се изнајдат некакви мерки да им се помогне на оние малку занаетчии кои сеуште опстојуваат во Чаршијата да "преживеат", односно да станат поконкурентни на пазарот, но и да се ревитализираат некои занаети се разбира, ако треба и со нова цел - ако производите се третираат за неутилитарни, можеби истите може да се стилизираат и да се ангажираат во туристичкиот конекст.- вели, Џартовска Тачевска 

 
Оливера Џартовска Тачевска е дипломиран етнолог на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" од Скопје, а од 2007 година е вработена во Музејот на град Скопје. Најпрво на местото библиотекар, а од септември 2008-ма е кустос етнолог за народно стопанство во Музејот на град Скопје - депанданс Музеј на Старата Скопска чаршија. Оттогаш главната активност и е насочена, како кон подобрување на изложбените содржини на Музејот на Старата скопска чаршија, така и кон   истражување и документирање на модерната состојба и содржини на чаршијата.
 
Што е она што најмногу му недостасува на Музејот, со кои проблеми се соочува оваа Установа?
 
Од отварањето на музејот во 1983 - та па, се до денес се немаат случено многу промени во постојаната поставка на Музејот на Старата Скопска Чаршија. Така што, после триесет години имаме голема потреба од реновирање и модернизирање на истата. Но она што од самиот почеток претставувал главен проблем, а истовремено и пречка за тековно дополнување на поставката со нови содржини е изложеноста на изложбените сали на сонце кое пак е главен уништувач на предметите. Тоа всушност и ја парализираше работата на Музејот бидејќи кустосите преферираа да ги сочуваат предметите во депоата отколку да ги изложат на сонце и со тоа да ги осудат на пропаст. Односно, активноста на тимот кој работи тука се сведуваше на истражување, документирање и прибирање на материјали за чаршијата но не и изложување. За среќа оваа година град Скопје одобри средства за санација на изложбените простори на Музејот на Старата скопска чаршија така што овој голем технички проблем конечно ќе биде отстранет и музејот ќе има предуслови за понатамошно реновирање па и модернизирање на поставката.
Инаку содржински, изложениот материјал навистина дава опсежни информации за повеќе аспекти на животот на Чаршијата. Музејот на Старата скопска чаршија ја презентира материјалната култура но и социјалниот и духовниот живот кој се одвивал во чаршијата. Презентираниот материјал е поделен на тематски единици и тоа ׃
Археолошки дел: каде се презентирани предмети ископани во старата чаршија кои што датираат од средновековниот период па се до турскиот период. Преку разните монети и керамички предмети се добива слика за животот во чаршијата и претстава за разновидноста на културната и трговската испреплетеност на нејзината територија.
Етнолошки дел: Тука е презентиран стопанскиот карактер на чаршијата каде доминантни биле три професии и тоа: главна и најзастапена професија била занаетчиството, потоа трговијата и угостителството. Занаетчиството е презентирано преку излагање на артефакти од најдоминантните занаети чии што производи биле ценети и барани и надвор од Скопје, но кои за жал денес ги нема во чаршијата или пак егзистираат во сосема редуциран или изменет вид. Презентирани се повеќе занаети и тоа: ќурчиско-кожуварскиот, кондураџиско-папуџискиот, опинчарскиот занает, терзиско-срмаџискиот занает, абаџискиот, јорганџискиот, кујунџискиот, занаетите поврзани со исхраната, потоа лимарскиот, занаетите што го имаат дрвото за основна суровина како што се кацарите, коларите, копаничарите, оружарскиот занает и други. Презентирани се и артефакти кои имаат импортиран карактер, а се белег на трговијата која исто така била добро застапена во чаршијата.
Уметнички дел: Составен дел на поставката се и уметничките дела чија тематика е животот во старата чаршија. Во неа застапена е првата генерација на македонски ликовни уметници како: Мартиновски, Пандилов, Владимирски., но застапени се и дел од современите ликовни уметници од Македонија како: Анастасов, Мазев, Перчинков...
Во 1985 година, постојаната поставка на Музејот на Старата скопска чаршија е дополнета и со историска тематика, со што, преку изложените фотографии, карти, планови и табеларни прикази се добиваат уште подетални и попрегледни информации за основањето, развојот и животот на Скопската чаршија.
 
Се уште ли изложбата е во добра кондиција?
 
Оваа изложба, која ја изработиле моите постари колеги (во 80-тите години) е навистина обемна со информации и добро содржински обработена. Но триесет години подоцна фотографиите, документите и предметите се оштетени, а овој начин на изложување веќе делува застарено. Затоа, а се разбира со цел музејот да се направи поатрактивен за посета а и за да ја зголеми туристичката, културната и едукативната содржина на Чаршијата, имаме за цел поставката да ја реновираме преку обновување на фотографиите, излагање на новите содржини кои чаршијата ги добила од 80-тие години па до денес, зголемување на бројот на витрини и изложени предмети, изработка на амбиенти, но и воведување на нов медиум за презентација како што се интерактивните тоуцх сцреен* пултови за презентација на видео записи, но и разна друга документација. Се надеваме дека надлежните институции од кои зависиме за реализација на овие планови нема да го заборават Музејот по санацијата на просторот, бидејќи тоа е само главен предуслов за опстојување на музејот, но има уште многу работа до презентирање на интересен и модерен музеј посветен на Старат Скопска Чаршија.
 
А, како гo оценувате животот во Чаршијата?
 
Чаршијата ги следи импулсите на модерното време. Таа и во минатото претставувала центар за стопанисување, а и денес продолжува да биде зона со првенствено стопански карактер, но сепак многу работи се променети. Сега главна дејност на ова јадро е трговијата, па потоа следи угостителската дејност, додека занаетчиството кое порано било доминантната професија, за жал полека исчезнува. Тоа секако се должи на неконкурентноста на голем дел од занаетчиските производи на модерниот пазар односно неможноста да се спротивстават на современото индустриско производство, а и со оглед на тоа дека немаат некоја поголема заштита од државата. За жал со изумирање на занаетчиството изумира и автентичноста на содржините на Скопската чаршија. Од друга страна, со модерното време таа добива и нови содржини како што се културните активности. Овој комплекс, особено во летниот период станува културно јадро, место каде што се случуваат многу манифестации, кои се одвиваат како во некои од монументите и галериите во Скопската чаршија така и по самите улици. Тоа е добро бидејќи овие културни случувања ги насочуваат луѓето кон чаршијата, чиј што амбиент го дополнува доживувањето. Исто така, за поздравување е и отворањето на пивницата и винотеката Темов и неколкуте кафулиња во просторот под Свети Спас затоа што ги насочи и младите луѓе од Скопје кон Чаршијата и ги поттикна да се запознаат со нејзиниот амбиент. Чаршијата е и главно туристичко јадро. Секој посетител на градот (особено странските) го бара историското јадро на градот и поминува еден дел од својот престој низ чаршиските улици. Нашата Чаршија е еден убав комплекс кој има капацитет да понуди и културно - историски споменици од профан и сакрален карактер кои се вредни за внимание, но и убав амбиент по улиците. Но за жал содржините по дуќаните на Старата чаршија се повеќе осиромашуваат а тоа секако штетно ќе се одрази на туристичкиот пазар.  
 
 
 Што според вас треба најитно да се направи за таа да го добие третманот и статусот што го заслужува?
 
Да се воведе строга контрола на сите градежни активности во правец на градења и поправки кои се изведуваат во Скопската чаршија бидејќи ако се остави секој како сака и што сака да прави во ова културно -историско јадро на градот постои опасност да се изгуби автентичноста и да се обезличи просторот а со тоа градот ќе ја изгуби и последната културно - историска целина која преостана и беше плански реставрирана после катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година. Ова за жал веќе се случува и навистина мора да се преземе нешто. Исто така би требало да се изнајдат некакви мерки да им се помогне на оние малку занаетчии кои сеуште опстојуваат во Чаршијата да "преживеат", односно да станат поконкурентни на пазарот, но и да се ревитализираат некои занаети се разбира, ако треба и со нова цел - ако производите се третираат за неутилитарни, можеби истите може да се стилизираат и да се ангажираат во туристичкиот контекст. Веројатно треба да се воведе и контрола на содржините кои делуваат во Чаршијата.
 
Како е да се работи во овој дел од градот?
 
Јас ја сакам Чаршијата. Го сакам нејзиниот начин на функционирање. Се уште постојат некои рецидиви од нејзиниот еснафски живот како на пример чистењето пред сопствениот дуќан секое утро, попустите за сефте, ценкањето, гостопримливоста на дуќанџиите особено оние кои се долго време тука и кои навистина знаат како да ги привлечат муштериите. Ги сакам орасниците и падобранците од Ригара, ги сакам излозите каде што сеуште може да се види рачно изработен филигран како што е богатиот излог на Џељо, го сакам дури и непријатниот мирис на бојаџијата (Хембој) до Сули ан кој кога работи, во Музејот (на Старата скопска чаршија) мора да се затворат сите прозорци, ќебапчињата од Дестан и од ќебапчилница Сараево каде често јадеме бидејќи ни е прв комшија спроти Сули ан, љубезните кафанџии пред Капан ан кои знаат како да ги привлечат минувачите, и исто толку пријатните ресторанчиња по целата улица од другата страна на Капан ан , особено ми се допаѓа пријатната и интимна атмосфера за ручек или кафе во Пивница Ан во Капан ан, и големиот број фурни и мали чајџилници. Тука се уште има добри мајстори кои можат да ви го поправат стариот душек, кондураџии кои можат да ви ја поправат штиклата ако случајно ви се скрши на чаршиската калдрма (ова од лично искуство!), јорганџии, шапкари, ташнари, часовничари, лимари, ковачи, исто така за пофалба се и големиот број кројачи кои работат во чаршијата и можат да ви направат било каква корекција а за тоа да не чекате повеќе од 20 минути, и се разбира никако не смееме да го заборавиме и крзнарскиот дуќан "Крзнарство Марија" кај Капан ан, кој е достоен претставник на еден од најголемите и најсилни еснафи на скопската чаршија ќурчиите. За мене е особено уживање што работам токму во чаршијата и што имам задоволство да ги консумирам нејзините продукти, амбиент и гостопримство. Често кога се движам по разните улички на оваа чаршија си замислувам како тие изгледале во она време кога Скопската чаршија била најголемата чаршија во европскиот дел на Турција. Се обидувам да ја визуализирам сликата на овие улици според описите на некои од патописците кои поминале низ неа и тоа е понекогаш забавно церебрално патување. Би сакала да прошетам по онаа скопска чаршија која ја видел Евлија Челебија кога престојувал во Скопје во 1660 година - таа му оставила толку голем впечаток па неговиот восхит се одразил и на описот што тој го дава, кој изобилува со суперлативи, а веројатно и со доза на претерување. Тој зборува за 2150 дуќани кои работеле во чаршијата . Бил воодушевен од некои од "искитените еснафски чаршии"и од "безистенот за чиј опис јазиците се недоволни и перата немошни и слаби да го опишат ". Особено ми е жал што не сум во можност да влезам во тој безистен особено ако го погледнеме овој сега, запуштен и заборавен...
 Некои улички сеуште ја имаат таа стара занаетчиска атмосфера, еден таков пример е лимарската улица, но тука денес ќе видите луѓе кои се борат за егзистенција и полека ја губат надежта.
Денес имам чувство како да гледам една стара дама која во своето движење и став ја носи гордоста на едно славно минато на една плодна кариера, но на нејзиното лице и особено во нејзините очи се гледа поразот од времето кое и наметнува некои нови вредности, а тие нејзините ги обезвреднува. Тоа е навистина тажно и сепак, со секоја почит кон новото и модерно време, и кон новите и модерни трговци кои не ги знаат старите чаршиски правила, а се во голем број присутни во Чаршијата сепак, треба да се потрудиме сите ние заедно да не и ја одземеме душата на чаршијата, нејзиниот облик, амбиент, архитектура, но и дел од нејзините производи - бидејќи, ако ја обезличиме Чаршијата (историското јадро на градот) тогаш целосно сме ги уништиле корените на градот.