Холандска керамика

Холандска керамика во Чифте амам
Во организација на Ресенската керамичка колонија, Амбасадата на Кралството Холандија и Националната галерија на Македонија, на четврти мај 2011 година, во 19 часот, во Чифте амам ќе биде отворена изложбата Современа холандска керамика, од фондот на Ресенската керамичка колонија.
Станува збор за изложба на керамичари од Холандија, кои гостувале и твореле во ателјето на Колонијата во Отешево. На изложбата поместени се 40-тина експонати - дела со неверојатни форми и облици, декоративни и утилитарни предмети од следните автори : Александра Енгелфрид, Елен Спикстра, Труди Ман, Јозе Ерт, Антоан Лендферс Тван, Јорун Вилхелмус Хубертус Ван, Дауе Хоекстра, Маја Хофт, Рижан Купенс и Јо Сијен.
Ресенската керамичка колонија е формирана во раните 70-ти год. на минатиот век, и успешно работи до денес, овозможувајќи им на учесниците да создаваат уникатни керамички творби. Во 2000 година, Колонијата е примена за членка на престижната Меѓународна академија за керамика при УНЕСКО, со седиште во Женева, во категоријата на професоонални асоцијации. 
Во изминативе години, керамичарите учесници од целиот свет, оставиле фонд од над 900 експонати кои се дел од уметничката ризница- Галеријата на современа керамика во градот Ресен, единствена галерија во Македонија од ваков вид, во која се поместени 400 експонати од 230 автори од целиот свет. Поставката е изложена во зградата САРАЈ, која е и самата споменик на културата.

Изложбата ќе ја отвори Н.Е. Симоне Филипини, амбасадор на Кралството Холандија во Република Македонија, и Маја Крстевска, директор на Националната галерија на Македонија и истата ќе биде достапна на јавноста до 24-ти мај оваа година. Куратор на изложбата е Мите Ноневски- виш кустос, а на отварањето на изложбата ке бидат присутни и некои од авторите.