Најстариот дуќан во чаршијата

Најстариот дуќан во Старата скопска чаршија се наоѓа на улицата Покриена чаршија (или Златарска), и на прв поглед не се разликува многу од другите. Тој, всушност, е компониран во еден комплекс од дуќани. Кога внимателно ќе го разгледате целиот тој комплекс, наеднаш ќе ја уочите неговата патина, староста на градбата и неговата убавина.


Кога Евлија Челебија дошол во Скопје кон средината на 17 век, запишал дека во Чаршијата имало 2.150 дуќани. Во 1908 година, кога се запалила Чаршијата изгореле 700 дуќани. Кога Пиколомини го запалил Скопје во 1689 година речиси до темел се изгорени сите објекти. Новите дуќани, сепак продолжиле да се раѓаат во чаршијата.
Денешната улица Покриена чаршија или Златарска била срцето на некогашната Чаршија, и токму тука се наоѓа најстариот дуќан, бидејќи сите објекти на тој простор имаат дамнешно потекло. 

До пред извесно време, а и денес, во него главно се продава текстилна стока и модна галантерија. До него се дуќаните за свечени и
венчални фустани. Постојат скали кои водат во горниот дел, типични за ориенталните магази. Интересно е дека дуќанот се состои од два дела, вториот дел од објектот е непристапен, но неговиот надворешен заден дел е посебно патиниран со мали прозорци и средновековни арки. Малата калдрмисана уличка му дава посебен шарм на амбиентот.