Славниот Исак бег

Славниот Исак бег - еден од најголемите градители на објекти во Старата чаршија.

Ако некогаш сте отишле во киното „Братство", во Tеатарот на народностите, во библиотеката „Цветан Димов" - сте морале да го видите Шареното турбе. 

Ако сте оделе, или ако и денес одите кон Чаир, Дуќанџик или кон Бит-пазар, повторно е неизбежно - Шареното турбе! Со него е поврзана дамнешната историја на Скопје.

Кога Тимур таш паша го освојува Скопје во 1392 г, заедно со Медах баба ("меддах" на арапски: проповедник, славител на Бога), тој наскоро одбраната и управувањето на градот му ги предал на Игит паша. Според истражувањата на историчарите, овој паша е татко на славниот Исак бег, еден од најголемите градители на објекти во Чаршијата. 
Исак бег е вториот заповедник на војската и управител на Скопје, а тој, покрај другите ги подигнал и објектите: Сули ан, Безистенот и Алаџа џамијата, во чиј состав и денес се наоѓа познатото Шарено турбе. За таа историја зборува и дел од натписот на Исаковата или Алаџа џамијата: „Ктитор на богоугодното дело е Исак бег, син на паша Игит бег, година 842..." Од времето на неговото градење па до денес, поминале многу војски и протекле многу води низ Серава, а тоа - упорно опстојува.

 

Голем период од своето постоење, турбето го поврзува - со пазарот. Неговата интересна орна-ментика се уште е впечатлива: во горниот дел постои фриз од шарени плочки, а во долниот над прозорците, розети, колористички исто така впечатливи и вешто уметнички изработени. Но, со ова скопско, средновековно турбе е поврзана и една тајна. Во тоа време се практикувало ктиторот на џамијата (во овој случај на Алаџа или Шарената скопска џамија) да биде погребан во турбето покрај џамијата, како што е тоа, на пример, случајот со Мустафа паша, погребан во турбето пред неговата џамија, под Калето. Но, овој пат постои исклучок. Во Шареното турбе не е закопан Исак бег. Зошто? Неговиот гроб е подалеку од тука - на возвишувањето Виргина, под Саат - кулата. Остатоците од тој шестоаголен, камен гроб, се видливи и денес на тој простор. Скопјанецот Исак бег имал тројца наследници, тројца синови: Иса бег, Мустафа бег и Паша бег. Според една верзија, во турбето е закопан еден од неговите синови, Паша бег. 

Имено, не се знае точно каде и кога починал Исак бег. Се претпоставува дека загинал во битката кај Варна 1444 г. Иста судбина доживува и негoвиот син, скопјанецот Иса бег: не се знае, но се претпоставува дека загинал на 13 октомври 1479 г. на Лебенско поле, во битката меѓу турската и унгарската војска.