Турбето на Мустафа паша

Турбето на Мустафа паша се наоѓа крај североисточниот ѕид на Мустафа – пашината џамија. Тоа е шестоаголно затворено турбе, а на секоја страна се наоѓа по еден отвор, од кои еден претставува влез, а другите се прозорци.
Турбето е покриено со купола, издигната на плиток тамбур, кој од надворешната страна е полигонално изведен, а од внатрешната – кружно. 
Во горните деловни на турбето од внатрешната страна се изведени припотпрени лакови, со што е намален распонот на куполата, а во секој агол, меѓу нив е изведен по еден пандантиф, преку кои се минува во кружната основа на куполата. Внатрешноста на турбето, кое доста добро е зачувано е малтерисана и боена.
Турбето на Мустафа паша од надвое е обложено со бел мермер и како такво е единствено во Македонија. Спојниците меѓу квадерите се минимални, а секој мермерен квадер е порабен со лента. Што се однесува до профилацијата, таа е застапена во обработката на рамките на отворите, како и во обработката на завршните венци.