Големата реконструкција

По катастрофалниот земјотрес на Скопје во 1963 година, што ќе ја опустоши и неговата чаршија, наскоро во неа, меѓу купиштата урнатини ќе почнат да никнуваат во прво време имровизирани дуќани, кои ја превземаат улогата на главни снабдувачи на населението со најнеопходните прехранбени, занаетчиски и други производи, а потоа започнува и обновата на старите и изградбата на нови дуќани и занаетчиско – трговски комплекси дуќани под заеднички покрив и во стилот на старата македонска градска архитектура.

Кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век, на некогашниот поширок простор на Чаршијата ќе биде изграден и деловно – трговскиот центар „Маврово“, а во нејзиниот центар во 1989 година ќе биде отворен и Домот на занаетчиите, со што скопските занаетчии и малостопанственици конечно ќе добијат свое место за дружење. По земјотерсот ќе започне и реконструкцијата на комуналната инфраструктура во Чаршијата така што наскоро ќе бидат обновени водоводната и канализациона мрежа, а уличната мрежа ќе се „ослободи“ од својата повеќевековна турска калдрма, која ќе биде заменета со квалитетно обработени гранитни плочи. По пробивањето на современата сообраќајница – булеварот „Гоце Делчев“, кој буквално ќе ја пресече Чаршијата на два дела, кај Даут пашин амам ќе биде изграден мост – платформа со модерна стоковна куќа со елементи на старата македонска архитектура, со што отсечените делови од Чаршијата повторно ќе бидат споени. Модернизацијата ќе доведе до исчезнување на голем број на стари занаети, но и реконструкција на монументалните споменици на културата и изградба на нови објекти. Така, покрај постојната уметничка галерија во Даут пашин амам и Лапидариумот на Археолошкиот музеј во Куршумли ан, ќе бидат изградени и комплексот Музеи на Македонија, во Сули ан ќе биде отворен Музејот на Старата скопска чаршија, а на Бит – пазар пак, ќе биде изграден Театарот на народностите. Во непосредна близина на Чаршијата, во просторот на некогашното Пајко маало, ќе бидат изградени новата зграда на Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Културниот центар, во кој ќе се сместат Македонскиот народен театар, Операта и Балетот и, зградата на Музичката академија и на Музичко – балетскиот училишен центар и новиот комплекс на Комерцијална банка. Со ова Скопската чаршија, покрај својата традиционална функција на трговско – занаетчиски центар, по земјотресот добива и нова функција – не само на своевиден културно историски споменик од непроценливо богатство, а со тоа и една од главните туристички атракции на Скопје, туку и на своевиден центар на културниот живот на градот во целина.