Старата скопска чаршија – културно наследство од особено значење

Старата скопска чаршија која претставува единствена споменичка целина е прогласена  за културно наследство од особено значење.
Со прогласувањето на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење се овозможува трајно зачувување на историските, уметничките, архитектонските, урбанистичките, амбиенталните, етнолошките, социолошките и другите научни и културни вредности, како и автентичноста,  единственоста, разновидноста, интегралноста, староста и други својства, содржини и функции.
Старата скопска чаршија настаната во периодот од XV до XX век врз урбана структура што потекнува од XI век, како културно наследство од особено значење е добро од општ интерес за Република Македонија и ужива посебна заштита.
Заради заштита, уредување, ревитализација и рационално користење на Старата скопска чаршија и нејзините контакти зони   општините Чаир и Центар донесуваат детални урбанистички планови за подрачјата од нивна надлежност,  кои се во рамките на заштитеното подрачје.
Во Старата скопска чаршија не смее  да се менува постојната урбана структура, односно уличната мрежа, големината на блоковите и парцелите, отворените простори и слично, да се градат или внесуваат индустриски и слични капацитети што придонесуваат за присуство на разни форми на загадување, да се подигаат меморијални споменици и спомен-обележја што не се поврзани со настанувањето и развојот на Старата скопска чаршија, да се врши ископ на темели или подруми ниту да се
изведува кој било друг вид земјани или градежни работи без претходно спроведување заштитни археолошки истражувања.
Непосредната заштита на Старата скопска чаршија се спроведува според деталните параметри за заштита на заштитеното подрачје.
Во контактните зони на Старата скопска чаршија не смее да се градат или внесуваат индустриски и слични капацитети што придонесуваат за присуство на разни форми на
Загадување, да се врши ископ на темели или подруми ниту да се изведува кој било друг вид земјани или градежни работи без претходно спроведување заштитни археолошки истражувања, да се менува уличната мрежа доколку со тоа се нарушува или оневозможува функционалната комуникација со Старата скопска чаршија во непосредна околина на Старата скопска чаршија да се градат објекти чија локација, габарит и изглед непосредно влијаат на Старата скопска чаршија, да се обликуваат отворните простори на начин на кој ќе се деградира или нагрдува автентичноста на Старата скопска чаршија и на заштитеното подрачје во целина.
Општините Чаир и Центар и нивните органи и јавни служби се одговорни за спроведување на мерки и активности во Старата скопска чаршија во рамките на нивните надлежности утврдени со законот за старата скопска чаршија.
Заради координирно реализирање на заеднички иницијативи, акции или проекти за заштита, уредување, користење и ревитализација на Старата скопска чаршија, Владата на Република Македонија основа
Национален совет за ревитализација на Старата скопска чаршија, како    координативно и советодавно тело на Владата на Република Македонија.
Заради оспособување на Старата скопска чаршија да служи за задоволување на културните, научните, едукативните, естетските, економските, туристичките и другите потреби на граѓаните, Владата на Република Македонија на предлог на Националниот совет, донесува Програма за ревитализација на Старата скопска чаршија.