Улиците - најавтентичен урбан елемент

Димензионирана е според интензитетот и пропустната моќ и е контролирана од „метаболизмот на градот“ и неговите потреби. На уличната мрежа, од која во седумдесетите години од минатиот век, беше извадена таканаречената турска калдрма и на нејзино место беа поставени убаво обработени гранитни плочи, што уште повеќе ја зголемија убавината на Чаршијата, посебен квалитет им даваат плоштадите и проширувањата кои, како „урбано вредни елементи“ стојат на две или повеќе улици. По својата убавина посебно се истакнува плоштадот пред Капан ан, кој е карактеристичен по својата функција и содржина. Тој е единствен со исклучително угостителски карактер уште од минатото. Некогаш плоштадите во Чаршијата биле збогатени со чешми.
Улиците се заемно поврзани и меко водени низ комплексот од непрегледни редови дуќани, кои со својата архитектура и функција, некогаш формирале своевидни едиснтвени урбани композициски целини на одредени економски заедници (казанџии, кујунџии...). И денес, и покрај големите функционални и урбани трансформации, во одделни делови на Чаршијата се уште се зачувани улици, или делови од нив, што создаваат единствена композициска целина, како архитектонски, така и функционално.