Ослободувањето и катастрофалниот земјотрес во ’63 – та

Чаршијата повторно се претвора во главен трговски центар на градот, а под раководство на Заводот за заштита на спомениците на културата за прв пат ќе почне нејзино систематско проучување, како споменик од непроценлива вредност, со цел да се изнајдат најадекватни решенија за нејзино зачувување. Меѓутоа, на 26 јули 1963 година, во пет часот и 17 минути Скопје ќе биде погодено, по трет пат во својата историја, од катастрофален зејотрес.

За само неколку минути ќе го снема она што е со векови градено. Како и многупати дотогаш, ќе настрада и Чаршијата. Одеднаш прекрасните дуќани ќе бидат претворени во купишта урнатини, а културно – историските споменици тешко оштетени или целосно разурнати. Најголеми штети ќе претрпат: Старата скопска тврдина, Сули Ан, Капан ан, Араста џамија, Казанџилер џамија, Ѓулчилер амам, кои речиси, ќе бидат целосно разурнати, а не се мали и оштетувањата што ќе ги претрпат и Чифте амам, Куршумли ан, црквата Свети Спас, Безистенот, Ќосе Кади џ амија, Султан – Муратова џамија и другите споменици на културата во и во околината на Старата скопска чаршија.