Економска криза

Забрзаниот развој на капиталистичките општествени односи пред Втората светска војна ќе доведат до раслојување, осиромашување и пропаѓање на занаетчиството, кое претставува движечка сила на Чаршијата. Во неа веќе кон почетокот на триесеттите години од минатиот век се евидентни голема стагнација, безработица, беспарица, бесперспективност. Големата економска криза се рефлектира и врз овдешниот живот: поголемиот број занаети се осудени на неизбежно раслојување, осиромашување и пропаѓање, што е последица на нерентабилното и скапо производство, кое не е во состојба да ја совлада и да се справи со се поголемата конкуренција однадвор и, особено со она поефтиното, соодветно производство од поразвиените делови на Југославија. Се поголем број занаетчии ги затвораат дуќаните или се принудени да се задолжуваат како кај приватни лица – лихвари и кај приватни банки, така и кај Занаетчиската банка на Кралството Југославија. Така, во 1933 година вкупниот долг на занаетчиите во Скопје изнесувал 10 067 400 динари, што значи средното задолжение на секој од 1 280 – те регистрирани занаетчии во градот изнесувало 7 863 динари, што во тоа време претставувале големи пари.

Љубо Стојовиќ во репортажата за весникот „Вардар“, во 1934 година меѓу другото ќе запише: „ Таму е монотоно и здодевно, никогаш веќе не би навратил. Трговците ги молат купувачите. Седат и ништо не мислат. И многу други го кажуваат истото, а чаршијата се познава себе си. Таа видела многу пари пред неколку години. Потоа парите ги снема и дојде кризата... Безистенот, некогаш моќен центар на богати магацини, денес е празен и тажен. Затворен е од сите страни, како тврдина. Низ трите врати од тешки железни капаци некогаш бил слободен влез на сопствениците на магацините... Вакуфската управа го купила Безистенот и го издава под кирија. Безистенот е пуст и тажен. Никаде жива душа. Сите магацини се затворени со години. Никој не прашува дали е нешто за издавање.“