Доминацијата на трговците христијани

 Развојот на стопанскиот живот придонесува во првата половина, особено во третата и четвртата деценија, на 19-от век да се интензивира, уште во претходниот век започнатиот процес на доселување на македонското христијанско население од околните села во градот Скопје. Тоа доведува и до големи промени во етничката структура на населението во градот и, особено,
 во Чаршијата каде што се позабележливо станува влијанието на македонските трговци и занаетчии. Кон средината на 19- от век приматот на занаетчиите и трговците од христијанско потекло е веќе обезбеден и во нивни раце се наоѓаат поголемиот број еснафски организации. Меѓу македонските занаетчии и трговци се повеќе се издвојува слој на богати и угледни луѓе, кои ќе бидат и зачетници на младата буржоазија во Скопје. Тие стануваат и предводници на процесот на културна преродба и национална еманципација, посебно од странското црковно влијание, најнапред од грчкото, а од 1872 година и од бугарското, кога Скопската епархија конечно ќе биде издвоена од Цариградската патријаршија и ќе биде приклучена кон великобугарската Егзархија, како и иницијатори за обновување на автокефалноста на македонската Охридска архиепископија, која беше укината во 1767 година. Со помош на македонските еснафи во 1835/36 – та во Скопје е отворено првото општинско словенско училиште. Борбата за отворање словенски училишта особено се интенвизира со доаѓањето на преродбеникот Јордан Хаџи Константинов Џинот во Скопје во 1851 година, кој успева во своето училиште да привлече 179 ученици и да ги отвори првата библиотека и читална. Македонските занаетчии и трговци во најголема мера го помагаат и обновувањето и изградбата на цркви во градот. Во и во околината на Чаршијата во 19 – от век ќе бидат обновени или изградени: соброната црква Богородица (1835 – та) и црквите Свети Спас и Свети Димитрија. Еврејското население пак, ја обновува синагогата Бен Јаков.