Најава на модерните времиња

 Со доселувањето на нови жители во Скопје, на просторот на Старата скопска чаршија започнува изградбата на нови комплекси со поголеми продавници и дуќани, која се одвива со замена на старите и руинирани објекти и со изградба на празните простори. Кон средината на 19-от век во Чаршијата започнува пробивот на новата архитектура, се појавуваат неокласични и други модерни облици со што таа,, како и градот во целина, полека почнува да го губи својот ориентален облик. Така, покрај поголем број објекти изградени во стилот на македонската архитектонска школа,
 се повеќе се забележливи објекти со архитектонски облици на еклектизмот, барокот и други импровизирани стилски форми, со што Чаршијата прима современ карактер. Територијата на Чаршијата, од Даут – пашиниот амам до Бит – пазар, наскоро ќе биде изградена исклучиво од дуќани, големи анови и атрактивни амами, а низ нејзините улици се забележуваат трговци и патници од далечни земји. Скопските трговци се повеќе развиваат свои врски со Средна Европа и со Русија, носејќи преработени кожи и кожи од дивеч во Лајпциг, Виена, Киев, Одеса и други градови. Уште поголем импулс на натамошниот развој на Скопје и Чаршијата им дава изградбата на железничката пруга Солун – Скопје во 1873 година, која во 1888 година ќе биде поврзана со Ниш и со Белград и натаму со Европа. Во Чаршијата, во овој период успешно работеле меѓу 50 и 90 разни видови занаети, организирани во силни еснафски организации и реонизирани во сопствени чаршии во рамките на единствената Скопска чаршија, што придонесува Скопје кон крајот на 19 – от век и почетокот на минатиот век да претставува значаен стопански, односно занаетчиско – трговски центар, не само во овој дел од Балканот туку и пошироко во рамките на турската империја, која се наоѓа пред изумирање. Не случајно, Виктор Рерар во 1896 година истакнува: „ Големите азиски пазари, оној во Бурса, Алеп или Дамаск, во споредба со скопскиот, претставуваат само бледи и банални турски знаменитости.“