Раскинување со ориентализмот

Почетокот на 20- от век за Македонија и за Скопје ќе биде одбележан со стравотни настани, што ќе остават неизбришливи траги и неизлечени рани. По крвавото задушување на Илинденското вопстание во 1903 година, започнува период на крвав терор врз македонското население. Во 1908 – ма се случува Младотурската револуција, а четири години потоа, започнуваат Балканските војни.
 Српската војска во Скопје влегува на 25 октомври 1912 година и со тоа му е ставен крај на повеќе од петвековното турско владеење. По завршувањето на Првата светска војна, Скопје станува административен центар на „Јужна Србија“, а подоцна се развива како главен град т.е. стопански, трговски и финансиски центар на Вардарска бановина на Кралството Југославија. Градот во 1914 – та го добива својот прв современ урбанистички план од архитектот Димитрие Т. Леко и ќе започне расчистувањето со „примитивниот ориентализам“, но и со вредностите на тогаш несфатената македонска архитектонска школа. Можеби најдобар пример за тоа е уривањето на познатата Бурмали џамија и на турбето покрај неа, кое имало шилест покрив и во кое се смета дека бил погребан Хумо Шах Султан, во 1924/25 година и изфградбата на исто така, познатиот Офицерски дом кој, несомнено, претставувал вистинско ремек – дело на пресадувањето на европските архитектонски облици во Скопје. На левиот брег на Вардар, покрај Камениот мост во 1925 – тас ќе бидат урнати Тутиједем џамија и Хибни Пајково турбе, на чие место ќе бидат изградени повеќекатници. Во првите години по Војната и Чаршијата доживува натамошен развој. Се градат нови и се обновуваат старите трговски и занаетчиски онјекти, а таа просторно се шири и преку Камениот мост – на десниот брег се до Старата железничка станица. Меѓутоа, тоа нема да трае долго заради градбата на се повеќе многукатници, со што ќе се прекине врската со Мостот и ќе се затвори видикот кон другиот брег. Патем, населението се зголемува постојано па така, во 1921 година Скопје има 40 660, во 1931 – 68 000, а во 1939 – околу 80 илјади жители.