“Белградската“ улица ги крие сите тајни на Чаршијата

Самиот збор “чарши” значи пресек на две улици. Самата етимологија на “чаршијата” во себе го содржи поимот “улица”. Малите улици се синоним за стариот дел на градот, а ако се бара “најмалата” тогаш таа сигурно се наоѓа на тој простор, а не во новите градски топоними со огромни булевари. 

Така е во светот, така е и кај нас. Скопската чаршија долги години ја задржала својата топонимија, иако таа во последно време брзо се деструира. Скопје, во деветнаесеттиот, но и во дваесеттиот век било познато по т.н. ќор-сокаци. Сокаци кои “немале излез”. Во еден запис од почетокот на дваесеттиот век се вели дека градот бил преполн со такви улици. А како куриозитет се истакнува податокот дека нив најмалку ги имало - во Идадија.

Најмалата улица во градот, а секако, според нејзините специфики, и најмала во светот, се наоѓа во Чаршијата, на улица Белградска, поточно на една “крстосница” низ која се шират бројните “краци” на оваа улица. Иако на прв поглед е минијатурна, сепак кога ќе се даде нејзиниот опис ќе се види какво богатство крие во себе. И она што е најбитно: ги има сите “нишани” на вистинска улица, и тоа на исклучително мал простор бидејќи има помалку од десетина метри. Верувале или не, од двете нејзини страни се наоѓаат осумнаесетина дуќани и - две кафулиња! 
Сето тоа е овозможено со самата специфична конфигурација на тој простор - малата улица “пресекува” два комплекса кои се наоѓаат еден наспроти друг. Едниот од тие комплекси е многу стар објект кој потекнува од османлискиот, но според некои индиции и од византискиот период. Поради староста на тој објект, во него се наоѓа и најстариот дуќан што денес е сочуван во чаршијата. Тој е многу посетен, бидејќи се продава “текстил на метро” увезен од источните земји. Внатрешната архитектура му е типична за старите магази со “двојни скали” кои водат на катот, по што овие продавници се препознатливи. Поради тоа, и сите дуќани кои се наоѓаат во “најмалата улица на светот” имаат своја посебна патина. 

Од другата страна на овој објект се образува вистински сквер кој излегува и на улицата Златарска  (Белградска). Во тој сквер, кој исто така е поврзан и i “припаѓа” на најмалата улица, има бројни дуќани кои се златарски, но кои пред повеќе години ги користеа најразлични занаетчии. Ете, затоа, бројни дуќани и продажни простори не само што гравитираат, туку буквално се наоѓаат во составот на најмалата улица. Но, тоа не е сe. “Најмалата улица” не е ќор-сокак. Ниту во неа завршуваат споредните излези од двата комплекса. Напротив. Кога минувате низ неа, јасно се распознаваат оригиналните излози на дуќаните или некогашните кепенци. Во тие дуќани единствено оттука се влегува и излегува, и од ниту едно друго место. Во стариот средновековен објект кој буквално се наоѓа на “најмалата улица”, денес има две кафулиња. Едното од нив повторно    (поради конфигурацијата на просторот) е “најмало”, бидејќи има само една маса, а второто е новоотворено модерно кафуле или бистро. Таквите денес речиси и ги нема во Чаршијата. Тие беа бројни во осумдесеттите години од минатиот век (Мондријан, Кафе 21...).


Но, приказната со ова не завршува. Тоа само зборува колку возбудливи приказни кријат нашите простори. Стариот објект кој се смета за турски или византиски, а кој се наоѓа од задната страна на најмалата улица, неодамна беше реставриран во рамките на познатиот проект “Арт Базар”. Со сета убавина блесна патината на овој објект. Тука сега се отвори уште една мала улица на која се наоѓа и обновената зграда на старата Француска банка. Така, во близината на “најмалата улица” се наоѓа и една банка и многу други придружни објекти.

Историјата на овој дел на Скопје во голема мера објаснува зошто и вака малите улици имале свој трговска функција. Функција на складирање и продажба на најразновидна, пред сe текстилна, но и друга стока. “Најмалата улица” се наоѓа непосредно до портите на Безистенот, кој бил познат продажен простор за платно. Меѓу Безистенот и Куршумли ан денес е празен простор, но некогаш токму тука се наоѓала познатата Покриена чаршија. Тој празен простор на Покриената чаршија треба допрва археолошки да се истражува, бидејќи очигледно тука се простирал голем пазаришен и трговски центар. За тоа зборуваат сведоштва од почетокот на дваесеттиот век и периодот меѓу двете војни.