Турски чај- ги буди сите ваши сетила

Нешто без кое не можете да минете ден во старата чаршија е едноставно најдобриот турски чај.
Се пие секаде низ кафулиљата и чајџилниците низ улиците на старата скопска чаршија.
Да го повикате некого на чаша чај во Турција претставува вистински гест на гостопримство. Ако во Турција ве понудат со чај, не одбивајте, така ќе ја заслужите на вистински начин почитта од домаќинот. Кога и да порачате чај, порачајте го јак.
Потоа гледајте да порачате и втора чаша со која ќе изгледате како вистински гостин кој ја почитува куќата. Во ниту еден момент не барајте никаков додаток со чајот. Тоа е лудо. Доволни ви се двете коцки шеќер кои ќе ги добиете и нека ви е на здравје! И така, сопственикот на куќата ве остава полни со впечатоци додека ја пиете втората чаша чај, која секако не ја одбивате. 
Чајот, како и кафето, бил увозен производ. Чајот бил многу скап, поради што често бил фалсификуван со додавање на лисја од други растенија, или пак, се произведувал сурогат на чај од  липов  цвет, нане, камилица и сл.
Познатиот македонски фитолог Васо Дервенџи смета дека чајот не треба да биде постар од една година. Но, меѓу научниците и истражувачите постои мислење дека подобар чај е оној кој одлежал една година.
Чајот највеќе  се пиел  во јавни чајџилници и во домашни услови. Јавните чајџилници во минатото ги имало во маалата со муслиманско население, во Скопската чаршија.
За приготвување на чајот во јавните чајџилници се користел специјален бакарен сад наречен”чајдалник” и во помали чајници од по два литра од метал што не 'рѓосува.
Во “чајдалникот” се загревала водата. Со врела  вода се полнеле  малите чајници, во коишто се ставале  15-20 гр.  сув чај. Потоа  се ставале на специјален отвор врз “чајдалникот”, каде  што стоеле   додека  чајот  не  се  распари  и  не  се симне  на дното. Тогаш чајот бил готов за употреба.
Чајот се служел во стаклени чаши наречени “чајбардак” стеснети во средината. Во вакви стаклени чаши чајот подолго време останувал топол. “Чајбардак” се послужувал  поставен на  мала чинија “тавла” и со “кашик”, мала  лажичка за мешање на шеќерот, медот или некое друго сладило.  Кај поголем број  христијански семејства чајот се служел во поголема чаша со помала тацна.  Чајот се пиел јак, без шеќер, а во него можело  да се додаде шеќер и лимон.
Во минатото, чајџилниците ги посетувале само мажи. Се служел лесен чај “јенлик”, среден “орта”  и  јак “агар” чај. Се служело  со големи табли, тепсии или послужавници. Чајот  се пиел  3 до 4 пати дневно по 2-3 чаши, обично по оброк.  Јавните чајџилници  највеќе ги посетувале претставници на пониските слоеви на населението.. Чајот во чајџилниците и ашчилниците се варел и во самовари.
Како и во минатото традицијата продолжува и денес. Старата чаршија не би била целосна доколку не постојат старите собри чајџилници во кои се служи најдобриот турски чај.
Токму таму можете да ја доживеете единствената уметност на подготвување и конзумирање на стариот добар црн или турски чај, кој ќе ве размрда и ќе ве остави будни до крајот на денот.