Животот во старата скопска чаршија за време на 19 век

Кон крајот на XVIII и во почетокот на XIX век централаната власт во Истамбул е присилена да превземе низа ефикасни мерки за надминување на хаотичната ситуација во државата. Султан Махмуд II во 1814 година им дозволува на христијаните да градат цркви, во 1828 година ја укинува јаничарската војска и го ограничува крџалиството, а со Гилханскиот хатишериф во Царството се воведува рамноправност на сите жители пред законите, слободата на верата и совеста и гаранции на животот на имотите на сите.

Овие промени создаваат подобри услови и за "заживување", пред се на економски план, на дотогаш "заспаното" Скопје и на неговата чаршија. Власта, согледувајќи ја потребата од развиено занаетчиско производство, донесува повеќе законски мерки за заштита на занаетчиството и на правата на занаетчиите, што придонесува за развој на Скопската чаршија.

 

На просторот на Чаршијатазапочнува изградба на нови комплекси со поголеми продавници и дуќани, која се одвива " со замена на руинираните стари објекти и со изградба на празните простори ". Кон средината на минатиот век во Чаршијата започнува пробивот на новата архитектура, се појавуваат неокласични и други модерни облици, со што таа, како и градот во целина, полека започнува да го губи својот ориентален облик.
Така, веќе кон крајот на минатиот век и во почетокот на овој век во Чаршијата, покрај поголем број објекти изградени во стилот на македонската архитектонска школа, се повеќе се забележани објекти " со архитектонски облици на електицизмот, барокот и други импровозирани стилски форми ", со што Чаршијата прима современ карактер.
Територијата на Чаршијата, од Даут-пашиниот амам до Бит-пазар, наскоро ќе биде изградена исклучиво од дуќани, големи анови и атрактивни амами, а низ нејзините улици се забележуваат трговци и патници од далечни земји.Чаршијата, благодарение на прераснувањето на градот во релативно голем потрошувачки центар, како и на економското засилување на македонските занаетчии и трговци, станува не само "развиен и активен општествен, економски и комерцијален центар на градот", туку и голем занаетчиско - трговски центар во овој дел на Балканот.
Скопските трговци се повеќе ги развиваат своите врски со Средна Европа и со Русија, носејќи преработени кожи и кожи од дивеч во Лајпциг, Виена, Киев, Одеса и во други градови. Стојан Новаковиќ, Старата скопска чаршија ја опишува како "склоп тесни и криви улички со многу трговско-занаетчиски продавници и дуќани. Улиците биле покриени со штици, а дуќаните со ќепенци... Чаршијата е долга и има повеќе напречни улици, исто така покриени..."

Уште поголем импулс на натамошниот развој на Скопје и на Чаршијата им дава изградбата на железничката пруга Солун - Скопје ви 1873 година, која во 1888 година ќе биде поврзана со Ниш и со Белград и натаму со Европа. Градот прераснува во еден од најважните сообраќајни јазли на Балканот, што непосредно влијае врз неговиот забрзан стопански развој, преку пробивот на мануфактурното производство, како зачеток на капиталистичкиот општествен систем. Во градот веќе во втората половина на минатиот век ќе бодат отворени повеќе мануфактурни работилници, меѓу кои и ткајачниците на платно на Кочко Х. Бошков и Димче Х.Зафиров, кои ќе одиграат голема улога во натамошниот развој на градот.
Во Чаршијата, пак, според записите и кажувањата на голем број современици на XIX век, успешно работеле меѓу 50 и 90 разни видови занаети, организирани во силни еснафски организации и реонизирани во сопствени чаршии во рамките на единствената Скопска чаршија, што придонесува Скопје кон крајот на минатиот и почетокот на овој век да претставува значаен стопански, односно занаетчиско - трговски центар не само во овој дел на Балканскиот Полуостров, туку и пошироко во рамките на турската империја, која се наоѓа пред изумирање. Не случајно, Виктор Рерар во 1896 година истакнува: "Големите азиски пазари, оној во Бурса, Алеп или Дамаск, во споредба со скопскиот, претставуваат само бледи и банални турски знаменистости".
Покрај тоа, Скопје кон почетокот на XIX век прераснува во значаен сообраќаен центар во овој дел на Балканот,благодарение на Наполеон Бонапарта кој, поради економската блокада во Европа, е присилен да бара нови патишта и земји со кои ќе тргува и од кои ќе се снабдува. Наоѓајќи нови трговски партнери во земјите од Среден Исток, тој открива дека преку "Скопје е најлесниот и најцелисходен пат до нив". Така, набргу бескрајни карвани, натоварени со најразлични стоки, ќе почнат да минуваат по патот што водел од Блискиот Исток, преку Струмица, Велес и Скопје, до Европа. Оваа копнена врска, позната во историјата како "Бел пат" - наречена по памукот што бил пренесуван од Блискиот Исток за потребите на Француското царство, и покрај нејзиниот краток век, исто така, ќе придонесе за забрзан развој на стопанскиот живот во Скопје, кој ќе биде изразен преку вистински занаетчиски "бум".

Сето тоа доведува Скопје, по речиси стогодишниот тежок застој, да почне да се менува од мал и нечист град со околу 5.000 жители и со неразвиена чаршија во значајно место, кое веќе во 1812 година станува седиште на францускиот конзул.

Македонските занаетчии и трговци во најголема мера го помагаат и обновувањето и изградбата на цркви во градот. Во и во околината на Чаршијата во минатиот век ќе бидат обновени или изградени: соборната црква Света Богородица(1835) и црквите Свети Спас и Свети Димитрија. Еврејското население, пак, ја обновува синагогата Бен Јаков.
Со доселувањето нови жители во градот се создаваат и услови за негов натамошен просторен развој, првенствено јужно од реката Вардар, каде што започнува да се развива нов реон населен со Македонци. Со тоа градот ја губи " компактната и кохерентна форма и добива дисхармоничен, недовршен изглед со примеси на ориентални и модерни вредности".
Економското засилување на македонското население доведува до започнување на процесот на спонтан урбан развој и до осамостојување на македонското градителство, преку формирање на автономната и оригинална македонска архитектонска школа, која носи корени директно од класичната елинистичка култура и претставува збогатена варијанта на повеќестепената синтеза на византиската, грчката - профана и малоазиската архитектонска школа. Нејзините вредности во Скопје ќе дојдат до посебен израз во промовирањето на " македонската куќа ", како нов и оригинален архитектонски тип стамбени објекти.
Наскоро во новите реони на градот, но и во старото градско јадро ќе бидат изградени голем број куќи од овој тип, кои придонесуваат за постепено коренито менување на дотогаш ориентален изглед на градот.