Незаборавната турска кујна

Турската кујна спаѓа меѓу 10 најатрактивни светски кујни. Дамнешниот номадски живот, просторот со различната флора и фауна, кои минува низ седум географски зони, и наследството на богатата царска кујна се трите темелни елементи кои влијаат врз гастрономската умешност.
Основа на турската кујна се смета тестото од пченично брашно за неизбежниот бел леб (екмек), пиде (лепињи), симит, манти (тесто) и јуфка (лиснато тесто).

Покрај лебот значајно место во турската кујна зазема пилавот од ориз. Се подготвува во многу варијанти, се служи топол или ладен, а може да биде и додаток на месото, а и главно јадење. 
Месото по правило се користи во помали количини. Со името кебап се нарекуваат сите   јадења од месо, а од особено значење и омилен е бурекот.
Меѓу попознатите се шиш кебапот и донер кебапот. Карактеристичниот вкус потекнува од квалитетното јагнешко и телешко месо и природните услови во кои се одгледуваат. 
Сета оваа убавина од специјалитети може да ја најдете на едно место единствено во Старата скопска чаршија.
Единствените мириси се шират низ воздухот во тесните улички на чаршијата и скоро невозможно е да поминете ден во чаршијата а да не ја пробате турската храна.
На најавтентичен начин пренесена од Турција, со векови е една од најприфатените кујни во Македонија. Неверојатниот сплет на зачини просто ги воодушевува вашите сетила и набрзо неможете без неа.
Во склоп со убавината на нашата чаршија, неможете да им одолеете на магичните вкусови на турската кујна.
Еден од омилените специјалитети е и зеленчукот кој во чаршијата умеат да го направат на илјада начини, а истиот е неизбежен дел од турската кујна.
Зеленчукот се подготвува на тој начин што на тивок оган се вари во сопствениот сок, при што му се додаваат домати и лук и растително масло за јадење или путер.
Најразлични  зеленчуци се печат на маслиново масло и се служат како додаток на главното јадење. Кога станува збор за зеленчукот модриот патлиџан има водечка улога во турската кујна.
Долма е заедничко име за полнетиот зеленчук. Главно се подготвуваат две врсти на долми. Долмите полнети со ориз се приготвуваат со маслиново масло и се јадат ладни, а долмите полнети со месо се главно јадење и се јадат најчесто со јогурт. Сите видови на зеленчук кои може да се полнат, или да се виткаат во листови се користат за подготовка на долми. Пиперката полнета со ориз се смета за кралица на долмите.
Турската кујна претставува вистинско богатство од десерти кои сите можете да ги најдете низ слаткарниците во Скопската чаршија.
Најпознати се локумот и баклавата. Мухалебите исто така спаѓаат во омилените турски десерти. Тоа се разни пудинзи од скробно брашно или ориз ароматизирани со лимон или портокал. Секако не смееме да ја заборавиме ниту алвата.
Слатките со тенки кори кои спаѓаат во редот на баклавите се посебно обележје на турската кујна.
Можеби за многумина ќе биде разочарување но турското кафе не е јако туку густо и се пие во мали голтки, а најчесто  се користи како повод за муабет. Традиционален турски пијалок е црниот  чај, кој се пие во секое време и со кој му се искажува добредојде  на гостинот. Во текот на жешките летни денови Турците уживаат во ајранот, вид на посолен јогурт разреден со вода, кој делува освежувачки и го регулира крвниот притисок. 
Од алкохолните пијалоциособено се конзумира “Јени раки“ која ја нарекуваат млеко од лав, бидејќи како и кај нашата мастика со додавањето на вода добива бела боја.
Зачините во турската кујна се користат во многу мали количини, бидејќи се смета дека тие не треба да го “убијат“ мирисот на главното јадење. Најчесто се користат копарот, магдоносот, кимот и лукот. За десертите не се користи никаков зачин за да дојде до полн израз аромата на природното овошје.
 
 
Конзумирањето турска храна со прекрасен поглед на калдрмата во чаршијата,  претставува уживање. Се смета дека три пати во денот треба да се јаде и тоа седејќи никако набрзина или од нога и никако сам. Менито се состои од три или повеќе јадења кои се служат во низа.
 Добро е да се знае дека поговорката “не е важно што, важно е да се јаде“ нема место во турската кујна.
Затоа, ви предлагаме да одвоите дел од слободното време за викендите и никако да не ја одминете Скопската чаршија која ви нуди единствен и незаборавен вкус кој ќе ви ги наостри сетилата толку многу, што секогаш ќе посакате да се вратите.