Анкета: Се враќа ли животот во Старата чаршија?

Пане Темов, угостител
 
Прекрасно е овде да се работи!
 
- За Чаршијата да блесне повторно во сиот свој сјај треба да се инвестира во реставрација на фасади и да се внимава на објектите што се нови да се “вклопат” со старата архитектура за да не се изгуби концептот. Центарот за Заштита на споменици врши добра работа во тој поглед. Битно е исто така, да се вложи во зачувување на старите занаети. Тие се особено интересни како атракции и тоа со можност туристите да влезат во дуќаните и директно да бидат вклучени во изработката на предмети.Секако и на сите заинтерсирани да отворат локал во Чаршијата, да им се разгледа нивниот идеен план и да им се даде предност на оние кои се уникатни. Битен момент е и да се прогласи Старата чаршија за туристичка зона и да се дозволи сите бизниси да работат 24 часа на ден, што ќе им овозможува поголема достапност на посетителите. Мислам дека Владата има сериозни намери да направи промени во Чаршијата, како што и градоначалникот на општина Чаир, господинот Изет Меџити дава се од себе да ја заживее Чаршијата, со многубројните проекти. Прекрасно е овде да се работи. Сите се познаваат межу себе. Пријателски лица ве поздравуваат од секаде и ве канат на кафе муабет. Среќни сте вие, што сте токму тука, а не на некое друго место. Најискрено, во тие моменти, вие знаете дека сте на вистинското место. Некако, си ги препознавате добрите намери, истата, заедничка цел...
 
 

Александар Темелковски, архитект
 
Таа е срцевината на градот!
 
- Чаршијата не е замрена, но е запустена, оставена постепено и тивко да умира, како што изумираат и занаетите кои беа присутни во неа. Досега постоеја безброј иницијативи, проекти и ангажирања во таа насока. Но, на крај, за жал, секогаш се сведуваше на пуста желба и амбиција единствено да се земат хонорарите за некаква си завршена работа, како што се случува и со други проекти од ваков тип. Потребата од вклучување на институциите на системот се повеќе од потребни, но не само делкаративно, туку со голема сериозност и посветеност. Чаршијата не мора да биде само збир на мали дуќанчиња во кои ќе имаме можност да ги видиме старите занаети, туку тоа треба да биде еден мултифункционален простор каде ќе функционираат и каде ќе се испреплетуваат повеќе функции. Галеријата, Сули Ан, Капан Ан се културните средишта каде со посебна програма постојано ќе има некакви културни збиднувања. Старата чаршија – тоа сме ние, тоа е нашиот идентитет а со самото тоа и приоритет. Чаршијата природно е поврзана со центарот на градот и Калето, единствено што треба е таа поврзаност да се исчисти и уреди. Како архитект имав можност да доживеам вакви амбиентални јадра во повеќе европски градови од секој аспект, како архитект, турист-посетител. Секогаш поставував едно срамежливо равенство помеѓу тоа таму и ова овде. Разликата е мала и се состои само во добра идеја и добар план. А тоа е нешто што можеме да го направиме и овде. Старата скопска чаршија е потсетување на минатото на кое се темели сегашноста и гради иднината; таа не е заскитан остров во урбана џунгла, таа е срцевината на градот по која и се препознава еден град. Секогаш со големо задоволство сакам да ги споделам моите емоции со калдрмата, старите пенџери, порти и керамиди, мирисот на крзно и кожа, звукот на старите дрвени патоси, аромата на ќебапи, боза и шампита, биењето на камбаната и пеењето на оџата, тивка староградска песна, чалгија...
 
 

 Шаип Рахман, трговец
 
Ноќниот живот е како во Париз!
 
- Никогаш Чаршијата ниту замрела, ниту пак, ќе замре со својот живот, но секако, некогаш е подинамично, а некогаш не. Последниве година - две, Пане Темов навистина даде еден така да речам, “спиритус мувенс”, што секако го забрза ритамот овде. Има една носталгија кон “ова” Скопје: ние сами си ги чистиме улиците, како во двор, сами се грижиме речиси, за се! Уште подобро би било, кога би ставиле рампи на влезовите во Чаршијата, да не влегуваат со возила овде, да не се врши дотур на роба по девет часот наутро, влезовите да се разубават и бидејќи, затворањето на Камениот мост своевремено и дислоцирањето на автобуската станица, доста не “изолираше”, убаво е да се воспостави некое врзно ткиво меѓу центарот и овој дел на Скопје. Особено жално е што државните дуќани, што чекаат денационализација, стојат затворени. Еден од приоритетите за животот овде да биде полесен и поубав е што поскоро да се направи солиден паркинг! Меѓутоа, да ви кажам искрено, се “плашам” дека ова ќе стане елитен крај на Скопје! Овде се слуша најубава музика, никакви бариери не постојат, сите сме насмеани, непосредни... Имаме живот, особено, ноќен, како парижаните! Не би сакал оваа слика да се “расипе”.
 

Славчо Јордановски, крзнар
 
Субвенции за непрофитабилните занаети!
 
- За таканареченото заживување на овој дел од Скопје важно е да се направат повеќе манифестации кои ќе ги анимираат граѓаните да ја посетуваат Чаршијата, да има поголем проток на луѓе. Јасно е дека македонските граѓани живеат со големи економски проблеми па така, занаетите како мојот, се на работ на егзистирање зашто, ние не продаваме роба за масовна потрошувачка. Многу мотивирачко би било кога државата би вовела некакви субвенции за ваквите непрофитабилни занаети, поволности, кредитирања... Замислете, во поламилионски град како Скопје, пет крзнари не можат да егзистираат!? Исто како и кујунџиите, наланарите, сарачите, лимарите... Не треба се да се сведе на купи – продај. Инаку, што се однесува до еснафското живеење, тука нема никаков проблем. Овде луѓето се срдечни, чесни, пресретливи и подготвени да помогнат во секоја прилика. Има некој особен филинг тука, што не се менува за ништо на светот!
 
 

Мирсад Муше,угостител
 
Овде се најчесните трговци!
 
- Овде никогаш немало сериозни инциденти. Си имаме приватно обезбедување, деноноќно снимаат видео камери, функционира и “Здружението на еснафи”, меѓусебно комуницираме и соработуваме, а и цените ни се многу подобри од останатите делови на Скопје. Мислам дека треба да има повеќе манифестации од типот на “Патот на Чаршијата”. Така се раздвижуваат нештата, протокот на луѓе се зголемува иако, искрено и сега има доволно посетители, купувачи. Чаршијата има особен шарм, што не може туку така да се игнорира! Знаете, овде се најчесните и најљубезните трговци! Освен тоа, никаде на друго место во Скопје, не постои таква солидарност како меѓу нас, комшиите, дуќанџии. Се знае, брат може да имаш, ама да биде во Нов зеланд, а прв до тебе е комшијата! Доаѓаат луѓе од секаде, а немаат каде да се паркираат, а и со тој Закон!? Јас сум непушач, но кога ќе ги видам како насред убаво јадење, пијачка, разговор мораат да излезат на улица за да запалат цигара, многу ми паѓа жал за луѓето. Навистина, не е фер! Особено овде, во Чаршијата! Знаете како, ние сме сите толку различни, толку секој засебен, а сепак, толку сплотени. И некако, тој Закон, го расипува сиот тој шмек.
 
 

 Марија Даутовска, архитект
 
Интересна и за новите генерации
 

- Верувам дека е можно заживување на Старата скопска чаршија. Таа е доволно актуелна и интересна и за новите генерации и за посетителите поради кохезијата на цркви и џамии, амови и амами, дуќани, чешми... Физичка обнова на голем дел од објектите, нивно средување и поправање, но и целокупно менаџирање по тој процес на реставрација бара поприлично вложување. Ми се допаѓа идејата во новата програма за отварање на некои нови дејности покрај зачувување на традиционалните занаети како што се мали ресторани со национални јадења, атељеа за уметници, нови културни манифестции. Самата сум сведок дека една винарија и еден кафе бар успејаа и мене на неколку пати да ме наведат во тој дел од градот, со штикли да 'проштракам' по калдрмата на чаршијата.Чаршијата е онаа што треба да биде елемент на препознавање, дефинирање и вистински културен идентитет на овој простор.