Заштитата на занаетчиството

 

Заштитата на занаетчиството во 19 – тиот век
 
Централната власт во Истанбул на преминот од 18 – ти во 19 – ти век е присилена да превземе низа ефикасни мерки за надминување на хаотичната ситуација во државата. Султан Махмуд Втори во 1814 година им дозволува на христијаните да градат цркви, во 1828 – ма ја укинува јаничарската војска и го ограничува крџалиството, а со Гилханскиот хатишериф во Царството се воведува рамноправност на сите жители пред законите, слободата на верата и совеста и гаранции за животот и имотите на сите. Овие промени создаваат подобри услови и за „заживување“, пред се на економски план, на дотогаш „заспаното“ Скопје и неговата чаршија. Власта, согледувајќи ја потребата од развиено занаетчиско производство, донесува повеќе законски мерки за заштита на занаетчиството и на правата на занаетчиите, што придонесува за побрз развој на Скопската чаршија. Покрај тоа, Скопје кон почетокот на 19 – от век прераснува во значаен сообраќаен центар во овој дел на Балканот, благодарение на Наполеон Бонапарта кој, поради економската блокада во Европа е присилен да бара нови патишта и земји со кои ќе тргува и од кои ќе се снабдува. Наоѓајќи нови трговски партнери во земјите од Среден Исток, тој открива дека преку Скопје е најлесниот и најцелисходен пат до нив. Оваа копнена врска, позната во историјата како „Бел пат“ – наречена по памукот што бил пренесуван од Блискиот Исток за потребите на Француското царство и покрај нејзиниот краток век, исто така, ќе придонесе за забрзан развој на стопанскиот живот во Скопје, кој ќе биде изразен преку вистински занаетчиски „бум“. Сето тоа доведува градот, по речиси стогодишниот тежок застој, да почне да се менува од мал и нечист град со околу 5 000 жители и со неразвиена чаршија во значајно место, кое веќе во 1812 година станува седиште на францускиот конзул.