Терзиско – срмаџиски занает

Со терзиско – срмаџискиот занает Скопје било надалеку познато. Срмаџиите биле многубројни и изработувале вез од срма и од свила на разни чоени и кадифени облеки.
Од Скопје се извезувале срмени изработики во Босна меѓутоа, денес веќе срмаџискиот занает наполно е изоставен. Терзискиот (шивачки) занает изработувал покомплицирани делови од облека од разновидни и поквалитетни материјали. Во Скопската чаршија постоела посебна терзиска чаршија во која биле групирани терзиските дуѓани. Под влијание на европската мода во Чаршијата се појавиле и френктерзиите, кои изработувале европска тесна облека што ја носеле чиновниците, учителите и по некои трговци и еснафлии. Овој занает бргу се развивал во првите децении на дваесеттиот век, се до појавата на индустриската конфекција, кога почнал да назадува.

Во Скопската чаршија биле застапени и други занаети од текстилната струка: мутавџиски (чија главна работа била преработката на козјо влакно – козина), килимарски, јажарски, но и јорганџискиот, кој има и своја чаршија, а почнал да се развива откако во градот почнале да се употребуваат кревети.