Извонредната архитектура Скопско кале

Старата скопска тврдина, претставува зачеток, односно историско јадро, на денешно Скопје, се наоѓа на височинката Кале, која се наоѓа во центарот на градот, крај левиот брег на Вардар.
Локалитетот Кале лежи на јужниот крај на високата геолошка тераса од петрифицирани лапорести седименти и слоеви на мек песочник, која се протега покрај Лепенец и Вардар од некогашно Скупи. Кале има форма на триаголник, одгоре зарамнет и со изразит пат на јужната и западната страна. Источната страна каскадно слегува кон Скопско Поле и кон коритото на некогашната река Серава и на неа се наоѓа дел од Старата чаршија, а северната страна е поврзана со ридовите и височинките што се составен дел на подножјето на Скопска Црна Гора. Станува збор за природно заштитен и тешко пристапен терен, кој уште од најстари времиња бил погоден за населување.

Досегашните научни сознанија говорат дека Скопско Кале било населено уште во времето на праисторијата, поточно некаде на преминот меѓу IV и III милениум п.н.е. За време на арехеолошките ископувања во 1953 и во 1967 година беа откриени материјални докази за постоење на доцнонеолитската населба, со белези на културата Салкуца – Бубањ – Хум.

Кале, како што покажуваат археолошките откритија повторно било населено некаде во VII – VI век п.н.е. Оваа втора населба, која била заштитена со квалитетни ѕидови, постоела некаде до преминот од IV до III век п.н.е. Остатоци од неа се откриени на длабочината од 7,50 до 6 метри под денешното ниво. Откриени се остатоци на куќи-полуземјанки со четвртести основи и со рамен под длабоко вкопан под тогашното ниво. Во една од нив е пронајдено огниште од камен и кал, а во него голем грнец за готвење.
 
http://www.ii.edu.mk/predmeti/mm/20052006/mmproekti/skopje_stara_charshija/images/objekti-kale.jpg

Археолошките истражувања натаму говорат дека на длабочина од 5,20 до 4,90 метри под денешното ниво лежи нова фаза на населба, најверојатно, потекнува од класичниот период (во средната или доцниот V и IV век). Нејзините куќи биле надземни и имале големи четвртести основи, а ѕидовите на куќите биле градени од дрвени гредички, облепени со дебел глинен премаз и зацврстени со горење. Околу населбата бил подигнат нов ѕид обложен со делкани блокови од мек песочник и со јадро глинен набој, а блоковите биле поврзани со бронзени спојки – мали Т-кламфи. Обемот на населбата може да се определи само во најгруби црти. Во пострата фаза, таа се ширела преку целото плато, големо околу два хектара, а во помладата – таа била, најверојатно, помала, бидејќи ѕидовите биле повлечени околу највисокиот дел, односно околу северната половина.

Скопско Кале, како што тврди проф. Иван Микулиќ, повторно ќе биде запоседнато во X век, кога во времето на Цар Самоил ќе биде формиран средновековниот византиско-словенски град Скопје, која во рамките на тогашното пространо македонско Самоилово Царство претставувала “една од поважните стратегиски точки – тврдини-градови”. Според негово мислење “историјата на Скопје почнува со времето на самостојноста под Самоил, во која и овој град ги нашол своето место и улога”. Досегашните истражувања говорат дека денешната стара скопска тврдина потекнува од крајот на X век, поточно токму од времето на цар Самоил. Со археолошките ископувања во 1967 година е утврдено дека најстарите елементи на главниот градски ѕид потекнуваат од времето на Самоиловото Царство и тие, како што истакнува проф. И.Микулчиќ, засега се “единствени познати Самоилови ѕидишта во Македонија”.

Од XI век потекнуваат монументалните “Киклопски ѕидови”, обложени со големи травертински квадри зачувани на северниот, североисточниот и, делумно, на јужниот ѕид. Внатрешноста на ѕидот е исполнета со кршен камен со средна големина, залеан со малтер, а надворешното лице на ѕидовите е обложено со камени квадери, извлечени од урнатините на Скупи. Ѕидовите се градени на класичен (предримски) начин познат како opus quadratum.

Врз главниот градски ѕид е работено и во XI век, односно во времето на владеењето на моќното византиско царско семејство Комнен. Од оваа тнр. Комненовска фаза, потекнуваат повеќе ѕидни платна на северозападниот и јужниот ѕиден потег, кои се градени на квалитетен начин и со црвеникав хидростатен малтер од дробена тула. Малтерната маса е извонредно компактна и доминира над камениот слог.
 

Во текот на XIII и XIV век, како што покажуваат резултатите од истражувањата, биле вршени градски зафати врз градскиот ѕид, посебно на јужниот потег, каде што се откриени ѕидни платна со жолтеникаво-син малтер со многу песок и со послаба структура. Ѕидната маса е леана, лицето на платната е обложено со појадри камења.

Главниот градски ѕид во целиот потег беше откриен дури во 1967 година, но, за жал, тој сеуште во најголем дел е скриен за погледите на минувачите. Наместо него, на Кале доминира тнр. “надворешен” одбранбен ѕид кој, и всушност претставува “само помошен фортификационен елемент – предѕид”. Оваа градба, која се протега на сите страни на тврдината, со исклучок на западната страна, во најголем дел потекнува од доцнотурскиот период. Поголема функција добил во тој период кога главниот градски ѕид го губи своето значење. Во тој период е изградена и единствената рототондна кула со топовски отвори на југоисточниот агол на предѕидот.

Во текот на првите векови од своето постоење скопски Горенград претставувал монументална градба со квалитетна изградба, кој во почетокот функционирал како главно воено упориште и стационар на месниот гарнизон. Градбите во него биле долго време од дрво, а покрај бараките таму се наоѓал и станот стратегот на скопскиот град. Цивилното население, пак, било населнувано во Доленград, кој егзистира веќе од XI век. Еден век подоцна на просторот на Горенград се градат и првите цркви, а наскоро и палати во кои се населуваат црковната и световната аристократија.

Во турскиот период Горенград го губи своето дотогашно значење. Најверојатно, веднаш по паѓањето под турска власт тој бил иселен и запоседнат од градскиот гарнизон се до крајот на турското владеење.

Турскиот патописец Евлија Челебија кој, како што веќе спомнавме го посетил Скопје во 1660/61 година, за скопската тврдина го забележал следново:”Тоа е утврден град, цврста и силна тврдина со двократни бедеми Градската порта и бедемите се изѕидани од делкан камен што болскоти како да е политиран. Толкава префинетост и уметност во обработката на камен неможе да се види ниту во еден друг град. Архитектот – мајсторот така ги изработил, ги изделкал и извајал големите мермерни столбови како да се од гипс. Овој град лежи во средината на шехерот. Тоа е висока тврдина и шедатовска градба (ниска – со забести покриви), со петоаголна форма. Бедемите, со кои е опашан целиот град, се високи до педесет аршини. Градов е накитен со седумдесет бастиони, а шехерот, пак, со 2000 дуќани, така што е многу убаво. Градот има три демир – порти што се свртени кон југоисточната страна, а во предворието на секоја висока порта се наоѓаат многумина стражари. Вратата и ѕидовите на тоа предворје се накитени со разно оружје и алат за оружје. Овде нема никаква позиција која би доминирала над градов, самиот тој лежи на мошне високи камени карпи, толкави што оттаму се гледа целото поле.
 
кале 1.jpg
 
Од западната страна на крепоста тече река Вардар. На таа страна има еден пат што води од градот покрај пештери кон “Водените кули” што се наоѓаат на брегот на реката. Бидејќи на таа страна на градот се наоѓа бездна, страшна како адски понор, таму нема канал ниту, пак, може да постои. На источната, југоисточната и северната страна на градот се наоѓа длабок канал од стрмни карпи. На таа страна, пред портата, се наоѓа дрвен мост преку каналот. Стражарите понекогаш го креваат мостот на чекрк и на тој начин прават брана пред својата порта. Над таа порта се наоѓа натписот што зборува за тоа кога е поправана портата. Тој гласи: Мурат син на Мехмед хан, во годината осумстотини и педесетта”.

 Две децении подоцна австрискиот војсководец генерал Пиколомини во писмото до царот Леополд истакнува:”Тврдината е ѕидана на стар начин, сега наполно без одбрана и вода, нема простор за коњица”.

На тврдината во минатиот век се наоѓале магацини и барутани, воена болница и затвор. 

Старата скопска тврдина и во првата половина на овој век служеше за стационирање на градскиот гарнизон. По напуштањето на тврдината од страна на војската во 1951 година, во двете најрепрезантивни згради беа сместени Историскиот и Археолошкиот музеј.

Катастрофалниот земјотрес во 1963 година му нанесе огромни штети на стариот град. Разурнати беа бедемите, одбрамбените кули, како и зградите што се наоѓаат во тврдината. По земјотресот беа опсежните мерки на реставрација и конзервација, при што беше делумно реставриран надворешниот ѕид во должина од 121 метар. Реставрирана беше и некогашната ротондна кула, додека, пак, четвртастата и триаголната кула само делумно обновени, така што штетите од земјотресот сеуште не се надоместени. До толку повеќе што тврдината повеќе години беше целосно запоставена и оставена на забот на времето. Неодамна започна акција за ревитализација и реставрација на тврдината, која треба да ги врати граѓаните на овој локалитет.