Стариот добар Безистен

Веднаш над Сули ан, односно над неговиот западен влез се наоѓа влезот на уште еден монументален споменик на исламската профана архитектура во Скопје. Тоа е Безистенот – првиот и најзначајниот трговски објект во Скопје во првите векови на турското владеење и ембрион на скопската ориентална чаршија.
 
Всушност, Безистенот бил центар на трговскиот живот во градот, околу него се формирала Чаршијата. Тој примил повеќе функции и за големинтата на градот како и за неговите потреби, тој имал своја содржина, локација и димензии. 
http://www.ii.edu.mk/predmeti/mm/20052006/mmproekti/skopje_stara_charshija/images/objekti-bezisten.jpg

Денешниов безистен, онаков каков што го гледаме, е релативно нова градба. Од натписот со “ убаво несх – талик писмо во стихови на натурски јазик” на камената плоча поставена над главниот влез, што се наоѓа на Белградска улица, дознаваме дека тој бил изграден во периодот меѓу 1899 и 1900 година на местото на некогашниот на Исхак - бег. Како градители на новиот безистен се спомнуваат мутевелиите Хаџи Хусеин, Осман и Јашар бег.

Оваа импозантна градба, на која се забележува и одредено влијание на западната архитектура, има правоаголна форма. Ѕидана е од тврд материјал, односно камен аконструкција. Има масивни ѕидови, целосно затворени кон улицата. Во Безистенот се влегува преку четири големи влезови, кои се наоѓаат во средината од секоја фасада. Во неговата внатрешност се наоѓа отворен коридор, односно интерен систем на улички – ходници од кои се влегува во двокатните дуќани наредени еден до друг покрај обемните ѕидови на објектот. Дуќаните се покриени со двоводен покрив. Во централниот дел на Безистенот се наоѓаат два помали двокатни изолирани објекта.

Во безистенот, односно во “оваа мала чаршиска структура пешакот е максимално заштитен”, “продажниот експонат и потрошувачот непосредно се поврзуваат преку тесните коридори”, а атмосферата и штимунгот на овој амбиент се последица од интимноста што вибрира во ентериерите на овој комплекс”.

Како што веќе спомнавме, денешниот безистен е изграден врз темелите на некогашниот безистен на Исхак – бег, кој бил уништен во големиот пожар во 1689 година за време на Австро – турската војха. Првиот скопски безистен бил изграден во средината на XV век, односно во периодот меѓу 1445 и 1469 година.

За тоа како изгледал безистенот нема речиси веродостојни и конкретни податоци. Безистенот го спомнуваат повеќе патописци, но без некои попрецизни податоци за неговиот изглед. Познатиот турски патеписец од XVIII век Евлија Челебија вака го опишува: “Постои еден безистен кој е толку убав што јазиците и перата се немоќни да го опишат. Тој е како силна тврдина со железни капии на двата влеза, а сограден е на куполи. Трговците кои со импортна стока делуваат во тој безистен, на своите посетители им палат темјан и ги посипуваат со масло од трендафил. Тука човечкиот ум го опива уште мирусот на мошус, рубаба, амбра, ќамфор и зумбул”.

безистен 2.JPG

Првите конкретни и, може да се каже, во голема мера потврдени податоци за големината, начинот на градењето и изгледот на скопскиот безистен се добиени при санационите интервенции врз новиот безистен во 1964 и 1965 година, кога беа откриени ѕидовите на стариот безистен, неговите темели, како и остатоците од стопите на двата столба во средишните простории на денешниот безистен и кога “под денешното ниво на безистенот се појавија ѕидови со извонредно убаво и прецизно ѕидање, со наизменично редење на камен и неколку редови тула со што била постигната голема декоративност во ѕидањето”. Врз основа на откриениот материјал може да се заклучи дека безистенот на Исхак- бег, чие ниво било на “длабочина од околу 1 метар под денешното ниво на безистенот и на улицата", “имал правоаголна форма и бил од типот на засводените безистени, покриен со систем на повеќе куполи” и дека “дебелината на ѕидовите изнесувала околу 2,60 метри”.

Новиот безистен ги има истите димензии како и стариот, т.е. тој го задржал надворешниот габарит на ѕидовите, чија дебелина сега изнесува околу 0,50 метри”, а “околу остатоците на двата големи столба се изградени два двокатни изолирани објекта”.

Лилјана Кумбараџи – Богојевиќ, правејќи споредба со другите безистени, заклучува дека овој нашиот – скопски безистен по својата архитектонска концепција бил сличен со “Бруса – безистенот во Сараево, како и со безистените во Солун, Серез, Текирдаг, Бејшехир и др. што биле пресведени со 6 куполи”. Според неа, скопскиот безистен како и Бруса- безистенот во Сараево бил засводен со 6 куполи, на двата столба. Просторот околу двата големи столба и четирите ѕида бил поделен со дрвени прегради меѓу кои се создавале дуќани, покриени со дрвени покриви. Преградите меѓу дуќаните биле лесно подвижни и по потреба да се поместуваат , со што и продажниот простор станувал поширок или потесен.

Безистенот на Исхак– бег бил место каде што во прво време се продавале производи од платно, поради што и го добил името, бидејќи самиот збор “безистен” е кованица од арапското “bezz” што занчи “платно” и персиското “(i)stan”, што значи “продажно место”. Подоцна во безистенот почнале да се продаваат други стоки, но името му останало. Во денешниот безистен, пак, преовладуваат уметнички ателјеа, галерии, кафулиња и чајџилници. 
Она што се знае од раскажувањата и белешките на патописците на Чаршијата е дека денешниот безистен е нов, не е првиот изграден на таа локација.  Податоците за безистен се наоѓаат на натписот на неговиот влез кој се наоѓа на улица „Београдска„ или златарската улица, и од него може да се дознае дека денешниот безистен е изграден на истото место на кое бил стариот безистен.