Старата чаршија во 15-ти век

На 19 јануари 1392 година градот Скопје паѓа под власта на Турците, со што започнува нов период во неговата многу вековна историја. Османлиските Турци, користејќи го својот стар и испробан метод на терор и на раселување на домородното христијанско население, за релативно краток период речиси од корен ја менуваат физиономијата на градот и на неговата чаршија.
Така, во Скопје во 1445 година живееле 511 муслимански и 339 христијански семејства, а веќе во 1519 – та бројот на муслиманските семејства се зголемува на 717, а на христијанските се намалува на 302. Имотите на многубројните цркви, манастири и месно население преминуваат во турски раце. Градот и неговата чаршија ја губат својата христијанска култура, која се повеќе местото и го отстапува на турско – арапската, а Скопје станува Ускуп.
Сепак, градот не го губи своето значење. Тој и понатаму се развива и станува главно воено упориште на турската османлиска војска во нејзиниот поход за освојување на целиот Балкански полуостров и во него е сместен главниот турски гарнизон, а постојат податоци дека во тогашна Топаана (Јени маало) биле леани топови. На просторот пак, на дотогашното скопско предградие – Доленград и дотогашната средновековна чаршија започнува интензивна изградба на капитални профани и сакрални објекти, неопходни за задоволување на нараснатите потреби на мнозинското муслиманско население.
Веќе во првите децении на 15-от век, најверојатно врз темелите на средновековната црква Св. Врачи, ќе биде изградена можеби најстарата џамија на Балканот – Меддах џамија, чиј легатор е освојувачот на Скопје и негов прв турски намесник – Паша Јигит бег. Овој период ќе биде крунисан со изградбата на водоводот (финансиран од Мустафа паша) од подземни керамички цевки преку кој Скопје веќе во почетокот на 16 век ќе започне да се снабдува со вода од планинските извори на Скопска Црна Гора.
Ова директно придонесува за појавата на голем број чешми и шадрвани во градот и неговата чаршија од кои денес не постои ниедна, но во записите, како најпознати се споменуваат: Алаџа чешма, Капан чешма, Соук чешма, Демирџи чешма, Рифаи чешма, Адем Баба чешма... Чаршијата пак, во тоа време е типично ориентално – балканска, составена од Безистен, голем број анови, амами, карван – сараи и џамии и со веќе разгранет систем на разновидни дуќани и работилници.