Скопје и неговата чаршија во 16-ти век

Во градот и во Чаршијата, иако со нешто помал интензитет сепак, продолжува изградбата на капитални објекти започната во претходниот век. Во овој период за првпат ќе биде овозможено и обновување на еден христијански објект, по разурнувањето на црквите во 1543 година од страна на Турците. Станува збор за црквата Свети Спас. Скопје во тој период прераснува во седиште на санџак – голема административна единица на Турското Царство, на чело со Санџак бег, со што уште повеќе се зголемува неговото значење во рамките на тогаш големата турска империја. Кон средината на овој век, Скопје според турските документи имало 53 муслимански и 14 христијански маала. Во Чаршијата пак, продолжува се помасовната изградба на дуќани и занаетчиски работилници. Со нејзиното речиси секојдневно ширење, започнува и процесот на формирање посебни чаршии во зависност од занаетите што се застапени во нив. така, во рамките на Скопската чаршија веќе постојат: кожарско – ќурчиска, калајџиска, железарска, платнарска, кујунџиска и други чаршии.
Покрај тоа во Чаршијата ќе биде организирана служба на ноќни чувари, која за чување на дуќаните наплаќала такса од 12 акчиња за секој дуќан. Кон крајот на првата половина од 16 век во Чаршијата биле регистрирани 1053 дуќани, кои заедно со градот во целина, како султански хас во 1544 година дале 474 797 акчиња годишен данок, што несомнено говори за големината и економската моќ на Чаршијата во тој период.
Развојот на чаршијата не го нарушува ни катастрофалниот земјотрeс во 1555 година од кој, и покрај огромните штети, брзо ќе закрепнат. Во тоа време голем е бројот на трговците од медитеранските градови, а е и се позабележително и влијанието на се побројната еврејска колонија, во чии раце се наоѓа поголемиот дел од трговијата, а своја колонија формираат и дубровничките трговци.
Градот во тоа време е познат и како богат и евтин пазар на робови. Се разбира, на него како робови најмногу било продавано домородното македонско христијанско население, а не мал бил и бројот на Ерменци, Евреи и други, кои на сила биле раселувани по пустините на Мала Азија од каде што пак, биле населувани турски колонисти во Mакедонија.