Султан – Муратова (Хјунќар) џамија

Оваа несомнено, најстара постојна џамија на територијата на Балканот е изградена уште во 1436 година како задужбина на султан Мурат Втори (владеел од 1421 до 1451 година), татко на султан Мехмед Освојувачот и токму поради тоа, таа во народот е позната уште и како Хјунќар, односно господска или султанска џамија. Нејзината изградба значи и симболично заменување на политичката власт во Скопје.Овој објект е изграден на темелите на некогашниот христијански центар на Скопје, манастирот Свето Ѓорѓи Горгос (Скоропостижник) на врвот на Виргинов рид, што се издига источно од бит – пазар. Султан – Муратовата џамија во својата долга историја двапати била цел на пожари: првпат во 1537 година, кога и изгореле нејзиниот горен дел и минарето, по што султан Сулејман Величествениот (1520 – 1566) ја обновил. Џамијата настрадала и во големиот пожар во 1689-та што го подметнал австрискиот војсководител Пиколомини. По 23-годишна пауза, односно во 1712 година, таа повторно е обновена, овој пат по наредба на Султан Ахмед Трети, а последните значајни поправки биле извршени во 1912 година. Токму поради овие многубројни поправки не е познат нејзиниот првобитен изглед. Султан – Муратовата џамија е изградена од камен и од тули во брусански стил, а нејзиниот внатрешен квадратен простор има облик на три бродна базилика со рамни таваници. поделен е со по три, во два реда поставени столбови, што се поврзани со полукружни лакови. Џамијата е покриена со ќерамиди и има покрив на четири води. на северозападната страна е подигнат трем, чија покривна конструкција се потпира на четири столбови, со пластично декорирани капители, поврзани со пет аркади кои имаат шилести лакови. Како нејзин главен градител се споменува мајсторот Хусеин од Дебар. Султан – Муратовата џамија за време на катастрофалниот земјотрес во 1963 година претрпе сериозни оштетувања, кои подоцна беа санирани. Во дворот на џамијата се наоѓаат две турбиња: Бикиј хан и Али паша од Дагестан, како и познатата Саат кула.