Црква Свети Спас

 

Црквата “Свети Спас” се наоѓа на платото под самата Скопска тврдина. Таа е подигната кон крајот на XVII век, или на почетокот на XVIII век, по катастрофалниот пожар во 1689 година.
 
По својот надворешен изглед таа  е прекрасна градба, во која се влегува низ неколку камени скали. Страничните кораби се рамни и покриени со штици, а во западниот дел на храмот е подигната галерија за жени - вернички.
Денешниот изглед црквата го добила во текот на минатиот век, кога таа е обновена врз темелите на претходната црква, за што сведочи остатокот на јужниот со зачуван фрескоживопис, кој беше откриен по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.
sv spas.jpg

Карактеристично за оваа црква е тоа што таа е дополу вкопана во земја, поради тоа што турските власти тогаш не дозволувале христијанските храмови да бидат повисоки и поубави од џамиите. Затоа, за да биде постигната потребната височина на камбанаријата, црквата била практично вкопана во земја.
Во 1824 година бил завршен иконостасот, кој по својата убавина претставува вистинско ремек дело.
Иконостасот, кој бил изработен со помош на прилозите на занаетчиите и еснафите, како и на трговците во Чаршијата, е дело на реномираната копаничарска тајфа, предводена од мајсторот Петре Филиповски – “Гарка” од малореканското село Гари. Тој, заедно со брат му Марко, како и со Макарие Фрчковски од село Галичник работеле 6 години, поточно од 1819 до 1824 година.
Во десниот крај на иконостасот на јужната страна се претставени самите автори: Петре Филиповски го изработува планот, а другите двајца се претставени со чекани и со длета во рацете.
Иконостасот е долг 10, а широк 6 метри. Во горниот дел тој завршува со голем “змиски крст”, со придружните икони на Св. Богородица и на Св.Јован. Овој дел од иконостасот е позлатен.
По својата конструкција иконостасот во “Свети Спас” е распореден на 5 хоризонтални зони со општо познатите мотиви: разни геометриски орнаменти, фигури од растителниот и животинскиот свет, како и сцени од Стариот и од Новиот завет.
sv_spas 2.jpg
На иконостасот во некои сцени од Библијата, како на пример “Гозбата на цар Ирод”, се претставени ликови со национални, фолклорни белези. Така, Салома, која го игра заведувачкиот танц, е во мијачка женска носија.
На иконостасот се наоѓаат и многубројни икони, поставени во два реда: во погорниот – големите престолни, а подолниот – помалите престолни икони.
Покрај тоа, во црквата се наоѓаат и поголем број икони надвор од иконостасот, кој му припаѓаат на творештвото на познатиот Дичо Зограф од село Тресонче.

Уметничката вредност на иконостасот се огледува во нежноста на линиите, во изведената пластичност на формите, мајсторската стилизација и во барокната разиграност.
Во црквата, поточно во нејзиниот наос, се чува резбана кутија во која беа пренесени моштите на големиот револуционер и идеолог на македонското ослободително движење кон крајот на минатиот и почетокот на овој век Гоце Делчев.
 

Во дворот на црквата се наоѓа саркофаг од мермер, во кој почиваат коските на овој револуционер.
Во конакот на црквата, пак, денес е сместен Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје