Саат кулата – скопскиот јавен часовник

Саат кулата во Скопје претставува шестокатна саат кула која се наоѓа северно, но во склоп на Султан – Муратовата џамија. Подигната е во периодот помеѓу 1566 и 1573 година и воедно претставува првата саат кула на територијата на Османлиската држава. Механизмот на саатот бил донесен од саат кулата во Сигет, Унгарија, по неговото заземање од страна на Турците. Изградена е на темелите на поранешната средновековна одбранбена кула. Некогаш била дрвена, но подоцна во целост била преградена со тули.
саат кула.jpg
Саат кулата не оставала рамнодушен ниту еден од патеписците кои го посетиле Скопје. Во минатото овој објект бил еден од најинтересните во Скопје и секако го привлекувал вниманието на сите минувачи и туристи.
Турскиот историчар и географ, Хаџи Калфа, забележал дека Скопје има една Саат кула, најголема од сите кули кај христијаните . Тој објаснува дека таа ги отчукувала часовите и дење и ноќе, а ѕвоното се слушало на „два часа далечина“.
Францускиот патеписец Филип Дифрен Кане, во 1573 година, пишува дека Скопје има еден јавен часовник што се слушач во целиот град и кој ги одчукувал часовите на француски начин.
Според досегашните сознанија, таа е првата Саат кула подигната на територијата на тогашното Турско Царство. Треба да се напомене дека нејзиниот долен, ѕидан дел, не бил специјално граден, туку едноставно за оваа намена била искористена една од четирите кули во составот на бедемите што го штителе манастирот Свети Ѓорѓи Скоропостижник.
Денес, со програмата за ревитализација на Старата скопска чаршија , се планира да се врати во живот и скопската саат кула која повторно ќе проработи.
На Саат кулата по точно 45 години повторно и беа поставени часовниците кои од скоро ќе почнат да го мерат скопското време. Тие се веќе поставени и во функција, а веднаш штом ќе бидат поставени ѕвоната, бројот на отчукувањата, како што било некогаш, ќе го покажува точното време.
стара кула.jpg
Општина Чаир комплетно ќе ја обнови Саат кулата и инфраструктурата околу објектот, како и двата пристапа што ќе се прават за да се стигне до споменикот. Се очекува и се прават секакви напори Саат кулата во Скопје повторно да стане туристичка атракција.
Саат кулата, како културно историски споменик има посебно значење за градот Скопје. Обновувањето ќе се одвива во неколку фази, од каде ќе се почне со поставување на часовниците па потоа нивно осветлување и третата фаза која подразбира комплетно обновување на инфраструктурата околу објектот за подобар пристап на турситите и скопските граѓани.
Саат кулата останала без своите часовници за време на земјотресот и никој не знае каде тие завршиле, а од силниот потрес, штети претрпел и долниот дел од објектот. Саат кулата како што споменавме била изградена во 1566 година, а градител бил Какон Султан Сулејман. До врвот каде што се поставени часовниците и од каде може да имате панорамски поглед на Скопје водат вкупно 105 скали.
Саат кулата која е во склоп на Султан Муратовата џамија ја посетуваат голем број на верници кои нестрпливо чекаат да се поправат скалите кои се видно оштетени и поради тоа нема пристап до истата.
Саат кулите се граделе вообичаено само во поголемите градови - кои се седишта на некава управа. Во времето на градбата на Саат кулите , рачни часовници скоро и да немало. Тие  биле луксуз кој си го дозволувале само поимотните. Имало само џебни саати, оние кои дедовците ги носеаа во малото џепче од елекот, врзан со фино синџирче.
Улогата на секоја кула се гледа од самиот назив “Саат кула“, што значи кула која има саат и која го мери времето. Освен што вообичаено се ставале часовници/саати, кои биле со големи димензии за да се гледа/мери времето од далеку, Саат кулите обично се лоцирале во близината на централните позиции на секј град , во близината на трговските места и пазари .