Музејот на Старата скопска чаршија

По катастрофалниот земјотрес во 1963 година кога Чаршијата беше значително оштетена, во периодот од 1965 до 1975 година беа извршени обемни работи на реконструкцијата на целиот комплекс на Старата скопска чаршија.
Таа во голема мера се обнови и реконструира, и го доби своето место во Скопје, не само како културно историски споменик, туку, пред се како комплекс од големо економско и туристичко значење за градот Скопје.
Музејот на Старата скопска чаршија, формиран како депанданс на Музејот на град Скопје, сместен е во споменикот на културата Сули ан, објект подигнат во првата половина на XV век од Исхак бег, целосно реконструиран во 1967 година. Се наоѓа помеѓу улиците Белградска и Битпазарска, двете најфреквентни комуникациии во чаршијата и со своите два влеза претставува логична комуникација помеѓу нив.
сули ан.jpg
Вкупната површина на објектот Сули ан изнесува окулу 2500 м2. Музејот на Старата скопска чаршија е сместен во 473 м2 од кои 355 м2 изложбен простор, а остатокот се пратечки простории.
Изграден е во првата половина на 15 в. од Исхак-бег, вториот краишки војвода во Скопје. Освен како Сули-ан, што во превод значи: воден ан (поради некогашната близина на реката Серава), во старите документи се наведува и под името Стар-ан. Околу анот бил изграден венец од дуќанчиња, како интегрален дел од објектот. Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, анот ја загубил својата основна функција и бил пренаменет за работилници, магацини и станбен простор. Поради големите оштетувања во земјотресот од 1963г. и губењето на градежните елементи, во текот на 1971-73 година, е преземена делумна реставрација. Сите затекнати изворни делови на градбата се максимално почитувани и зачувани, како што се арките и столбовите од внатрешниот трем и влезовите.
Посебна архитектонска вредност поседува шталата на анот, денес реставрирана во автентична форма, со сводови од тула потпрени на камени столбови. Но, при обнова на срушените партии на анот е избегнато повторно градење на внатрешните сводови, така што тие се заменети со современа меѓукатна конструкција, обложена со материјали блиски по карактер на стариот објект. Не се обновени ни малите магази и одаи за кои се сметало дека ќе го попречат современото функционирање на објектот. Наместо нивните предни ѕидови кон дворот на анот се поставени големи стаклени прегради. Овој објект, до сега служел како стоковна куќа, ресторан и летна сцена. Денес функционира како зграда на Ликовната академија, а на делот од катот и како изложбен простор, “Музеј на чаршијата”, како депанданс на Музејот на град Скопје, формиран 1983 г. , со функција да ја презентира историјата, културната вредност и занаетите на чаршијата. На 300 м2 во 34 витрини и 64 паноа се презентирани и третирани: 123 ликовни дела со мотиви од Скопска чаршија, 596 археолошки предмети од метал и керамика пронајдени при археолошки истражувања во комплексот на Чаршијата и Калето, 257 етнолошки предмети.
музеј 1.jpg
Поставката на Музејот, отворена во мај 1983 година, се состои од повеќе области.
Задачата на овој Музеј е да врши комплексна музејска дејност, односно да врши планска и систематска научноистражувачка и прибирачка работа, обработка на музејските збирки и создавања на информативен апарат за тие збирки, заштита и чување на музејски предмети, презентација на збирките преку постојани и повремени изложби и публикации.
Значајно е да одбележиме дека презентираниот материјал е само мал дел од фондот на музејски експонати со кои располага Музејот на град Скопје, но поради ограничениот изложбен простор концепцијата на Музејот на Старата скопска чаршија не бил во можност целосно да се реализира. И покрај напорите вложени од кустосите на Музејот очигледни се скоковите во континуитетот на презентирање на историскиот и етнолошкоит материјал.
Археолошкиот дел ги презентира предметите добиени со археолошките истражувања во Чаршијата и на скопското Кале во континуитет од среден век до турскиот период. Преку монети и керамички предмети се добива слика за животот во чаршијата и претстава за разновидната трговска и културна испреплетеност на овој простор.
Историскиот дел пак,  отворен 1985 година, преку изложени фотографии, карти, планови и табеларни прегледи го прикажува основањето, развитокот и животот на Старата скопска чаршија.
Уметничката галерија се состои од уметнички дела инспирирани од мотивите на Старата скопска чаршија. Застапена е првата генерација на македонски современи ликовни уметници (Мартиновски, Пандилов, Владимирски, Коџоман и други) како и дел од современите ликовни уметници на Македонија (Анастасов, Мазев, Пречинков и други).

Етнолошкиот дел го презентира животот во Чаршијата преку неговите најдоминантни занаети кои веќе ги нема или егзистираат во сосема изменет вид. Презентирани се повеќе занаети: кујунџиски, терзиско - срмаџиски, ќурчиско – кожуварски, папуџиски и други.