Развој на занаетчиството

Паралелно со развитокот на градовите се развивало и занаетчиството првенствено, како резултат на потребата од изработка на орудија за обработка на земјата, оружје, за облека и обувки, накит...Овој напредок не бил во тесна врска само со потребите на населението, владеачката класа и војската, туку зависело и од основните суровини со кои се располагало. Историјата на македонското занаетчиство претставува интересна компонента во општата, политичка, социјална и економска историја на Македонија. Побројните занаетчии имале своја чаршија каде што биле групирани нивните дуќани и работилници и го носела името на нивниот занает. Меѓутоа, напредокот на занаетчиството, што во 19-от век бил во полн процут, почнал да трпи силни удари кон крајот на истиот век поради навлегувањето на европски капитал и на евтини индустриски стоки, како и поради изградбата на патиштата, телеграфско - поштенските и железничките линии. По ослободувањето, напоредно со растењето на индустријата и на другите стопански гранки се одржа и занаетчиството. Неговите производи се барани на пазарот, дури се јавуваат и нови занаети на местото на изумрените за задоволување на современите потреби на населението.