Скопските златари со светски дела

Податоците за скопските златари во Старата скопска чаршија сведочат уште од 1369 година. Како прв златар во Скопје се споменува името на Радоја Дубровчанец. Златарскиот еснаф бележи повеќегодишна традиција и истиот е познат како занает кој се пренесува од генерација на генерација.
Првите урбани скопски златари се појавиле во времето на Првата светска војна и периодот меѓу двете светски војни.
Од овој период најмногу се споменува името на Стерјо Димитровски кој поседувал златарско – часовничарски дуќан на улицата „Крал Петар“. Тој имал три сина од кои само едниот ја наследил работата на таткото Димитрије.
Димитрије го разработил и проширил дуќанот. Во него имало богат избор на производи од злато и часовници од повеќе познати марки како „Зенит“, „Омега“, „Лонџин“ и „Шафхаус“. Продавницата на Димитрије нудела и голем избор на платинест и златен накит со брилијанти и дојаманти, сребрени предмети од Кина и голем број на подароци од сребро и алпак. Освен со продажна дејност, во дуќанот се вршела секаков вид на поправка на златен накит и часовници.
За богатството на асортиманот во дуќанот придонеле и многуте деловни врски со странство како оние со Германија, Швајцарија, Австрија и други. Голем број на интересни приказни се поврзани со личноста на Димитрије, како онаа поврзана со пепелникот кој секогаш стоел на пултот на дуќанот кој бил полн со ситни парички од каде им било дозволено на сиромашните деца да земат одредена сума на пари без претерување, со оглед на тоа дека тие се враќале секој ден.

Димитрије Димитровски се запознал со својата сопруга во својот дуќан во 1922 година и заедно го развивале златарскиот занает.
Во ова време накитот се изработувал рачно, а за тоа секако било потребно многу трпение, време, вештина и чувство за уметничко обликување.
По Втората светска војна биле отворени и самостојни златарски дуќани а дури во шеесетите години започнала и машинската обработка на легури од злато, како и употребата на центрифугални машини за лиени модели.
„ По војната, златарите живееја од работна рака, главно од преработка на донесено злато од муштериите, но подоцна се изработуваше и оригинален накит за продажба. Се изработуваа обетки, украси покриени со разни орнаменти, и најубав накит“, вели Симе Клисарев од познатото скопско семејство златари.
Џељадин Асани или Џељо е еден од најпознатите златари и филигранисти во Стара скопска чаршија. Тој е единствениот добитник на две гран при награди за уметност на Меѓународниот фестивал на уметноста кој се одржува во романскиот град Курте де Аржес. Тој покрај златарската уметност, се занимава и со сатира а исто така е и актер, како и колекционер на антиквитети и стар накит, од кој црпи многу енергија, знаење и идеи.
Неговиот дуќан е единствениот златарски дуќан во Скопје кој го посетила светската мега ѕвезда, Селма Хајек. Тој не заборава и да ни каже дека во колекцијата на поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт, може да се најде парче специјално изработен уникатен брош во форма на пеперутка од вештите раце на Џељо.
Тој со единствена страст ги изработува најубавите предмети од сребрена жица. Тој тоа вешто го претвора во прекрасни кутии за накит, табакери или најубавите брошови на светот, како и нараквици и бразлетни.
Тој своето знаење и умешност им го пренесува на своите два сина и на ќерката која веќе 12 години се занимава со изработка на накит во нивната работилница. Таа со љубов и трпение ги учи најубавите тајни на филигранството од својот татко.
Филигранството во Скопје го донеле старите мајстори Ерменци, кои дошле од Истанбул во 19 век. Денес во чаршијата има многу златарски дуќани, но ретки се тие во кои има златари кои изработуваат оригинален накит.
Доминантни се сериската обработка и увезениот накит од Турција или од Италија. Сепак, златарството и филигранството успеваат да опстојат и во ова ново урбанистичко време на промени.Старите добри мајстори остануваат да сведочат како наследници на една долга традиција. Тие остануваат да раскажуваат за својот единствен занает и велат дека од многуте златари кои постојат денес, само неколку можат да се пофалат со својата автентичност.
Но тоа ги бодри на своите поколенија тие да им го остават занетот со огромна љубов и почит за негово продолжување.
Вистинските мајстори златари, никогаш нема да исчезнат.