Занаетчиството на старите мајстори

Настанувањето на Старата Скопска чаршија според пишаните податоци и патеписните белешки на познатите патеписци, се следи уште од средните векови. Лоцирана била во централното подрачје на градот и останала сеуште атрактивна дестинација со проширувањето на градот на десниот брег на реката Вардар во периодот помеѓу двете светски војни.
Чаршијата со сета своја убавина и можности, овозможувала развој на повеќе занаети, а со тоа и на трговијата. Многу од занаетите кои заземале место во Старата чаршија биле многу развиени и надалеку познати. Најдобар пример за тоа била изработката на кожа, волна, восок, тутун, срма, свилен конец, везени производи од чоја и уште многу други. Меѓутоа кон крајот на 19 век за занаетчиството започнува фаза на стагнација поради навлегувањето на европскиот капитал и евтините индустриски производи кои се нуделе на пазарот.
златари.jpg
Во овој период започнале да изумираат многу од традиционалните занаети поврзани со кондураџискиот занает, абаџискиот, наланџиите, терзиите, срмаџиите итн. Нивното место го заземале новите занети кои биле во подем, како шапкарскиот, пегларскиот, кројачкиот, браварскиот, тапетарскиот и многу други. Меѓутоа во ниту еден момент не смееме да ги заборавиме старите добри мајстори на Скопје.
Со абаџискиот занает се занимавале и христијаните и муслиманите. Се изработувало машка облека од аба која се носела во селата и во градовите. Во 1925 година постоеле само 8 абаџиски дуќани. Со постепениот подем на градската помодерна облека, абаџискиот занает започнал да опаѓа за на крај истиот во целост да изумре.
Во тоа време во подем секако биле и ашчилниците или гостилниците, кои ги имало само во Чаршијата и на десната страна од градот. Во нив се служело храна и пијалoци.
 
Секако не смееме да ги изоставиме и алваџиско бозаџиските дуќани кои биле вкупно 21 на број а со овој занает најчесто се занимавале муслиманите.
 
Постоеле и работилници за алкохолни пијалаци кои биле вкупно 6, а најпозната од сите работилници била онаа на фамилијата Калајџиеви.
Јорганџиите имале своја јорганџиска чаршија. Овој занает почнал да се развива откако во градот почнале да се употребуваат кревети за спиење. Тие имале свој еснаф со печат и во целост разработена работилница. Во 1928 година постоеле вкупно 10 јорганџиски работилници.           
Исто како и јорганџиите и казанџиите имале своја посебна казанџиска чаршија. Тие произведувале садови за јадење и пиење, како и други покуќнини од бакар. Овој занает постоел се до навлегувањето во употреба на порцеланските садови.  
Ковачкиот занает е еден од најстарите занаети. Со овој занает претежно се занимавале Роми. Во 1925 година во Скопје имало 37 ковачки работилници, а во 1928 вкупно 9 ковачки, 9 коларо-ковачки и 6 коларски работилници.
Кујунџискиот занает уште се нарекувал и златарски занает кој сеуште како таков е еден од најразвиените модерни занаети во Старата чаршија. Тие изработувале накит, крстови од сребро и злато за цркви и манастири, кандила како и најразновиден накит, како прстени, бразлетни, обетки, ѓердани итн.
Ќурчиско-кожуварскиот занает бил еден од најразвиените занаети во тоа време. Занает со најдобра еснафска организација. Нивната чаршија била сместена во Ќурчи Ан. Тие сами ја штавеле кожата, односно ја приготвувале суровината, додека пак крзнарите користеле готова суровина кожа од разновиден дивеч. Ќурчиите купувале јагнешки, овчи и други кожи, ги штавеле потоа ги подготвувале на џубиња, а од овчата кожа за селаните изработувале кожуви.Во 1925 година во Скопје постоеле точно 27 ќурчиски дуќани, а во 1928 останале само седум од нив.
Опинчарите изработувале опинчарски производи за пазарите или по порачка. Тие биле организирани во чаракчиски ( опинчарски ) еснаф кој имал свој печат. Во 1928 година имало само 7 дуќани, а опинчарско сарачки вкупно 14.
Не смееме а да не ги спомнеме и самарџиите како едни од главните занаетчии во нашите стари македонски приказни. Тие изработувале седла, узди, колани, ремени, амови, дисаѓи и др. Со овој занает во главно се занимавале Турците. Овие дуќани постепено се намалувале, во 1925 година имало 22 дуќани, за да во 1928 година се намалат на 12.
Свеќарите се викале и мумџии, а се занимавале и со изработка и продажба на свеќи. Во 1925 година имало 10 восокари, односно произведувачи на восок од кој се изработувале свеќи. Во 1928 година имало пет свеќарски работилници како и манифактурни работилници.
Часовничарскиот занает како еден од најраспространетите занаети, во периодот помеѓу двете светски војни бил многу застапен. Мајсторите на овој занает биле многу почитувани стопанственици поради фактот што покрај тоа што се занимавале со продажба на часовниците, тие и ги поправале. Покрај поправката и продажбата на часовници, кај нив се продавале и јувелирски производи.
Појавата на фотографскиот занает се совпаѓа со пронаоѓањето на самата фотографија. Во периодот помеѓу двете светски војни фотографскиот занает во Скопје доживеал вистинска експанзија. Постоеле 7 фотографски ателјеа и 3 дуќани за фото материјал.
 
фото.jpg
Во периодот помеѓу двете светски војни во занаетчиските здруженија имало вкупно 1485 занаетчии.Навлегувањето на индустриската стока придонело за пропаѓање на занаетчиите. Многу било ретко некој од занаетчиите да ја одржува својата работа и воедно да премине во редовите на буржоазијата. Секојдневна и масовна била појавата на нивно осиромашување и пролетизирање.
Еден од најстарите ковачи во Старата чаршија ни кажа дека денес е се’ полошо. Нема никој заинтересиран да му се предаде занаетот. Со него завршува и последната нишка ковачи од неговото семејство. Тој вели дека сите се определиле за поинакви професии, помодерни, во чекор со времето...