Даут Пашин Амам

даут 1.jpgНа почетокот на Старата Скопска чаршија се наоѓа познатиот Даут Пашин Амам, еден од најмонументалните споменици на исламската профална архитектура и еден од најуспешните јавни градби од раноцариградскиот стил. 

Овој објект бил изграден во 1484 година од страна на познатиот турски војсководец Даут Паша, еден од везирите на Султан Мехмед Фатих и велики везир во времето на султанот Бајазит.

Денес амамот има три влеза: источен, западен и јужен. Однадвор доминираат рамните ѕидни површини со наизменично редење на камен и два реда тули, споени со малтер.

Амамот се состои од 15 простории кои се меѓусебно поврзани, украсени со ориентална орнаментика. Најинтересен за сите посетители кај овој објект е впечатливиот покрив кој е составен од 13 нееднакво распоредени куполи. Од останатите работи кои ги воодушевуваат посетителите секако е историјата на амамот. Тој бил разделен на две сосема одвоени крила, западен влез кој бил комплетно изграден за мажи и северниот во кој престојувале жени.
 
даут 1.jpg
 
Останале да сведочат две легенди поврзани со употребата на Даут Пашиновиот амам. Според едната, за затоплување на амамот биле потребни огромни количества дрва па со оглед на недостогот, до пуштање на амамот во употреба воопшто и не дошло. Другата легенда говори дека ќерката на везирот Даут Паша, пред пуштањето во употреба на истиот, прошетала низ амамот и од неговите ѕидови излегла отровна змија, ја каснала и таа починала, и везирот во чест на неговата ќерка забранил отварање на амамот. Само нашата фантазија е таа која ќе не одведе до вистинскиот одговор.
 
Даут пашиновиот амам е рестарвриран по Втората светска војна кога е пренаменет и во него денес е сместена Националната уметничка галерија. Тој денес функционира како уметничка галерија во која се организираат реномирани културни и уметнички манифестации како што е Скопско Лето, фестивал со меѓународен карактер, кој секоја година се одржува во Скопје. Рагледувајќи ги единствените изложби на слики или скулптури, несомнено можете да уживате и во звуците на класичен или модерен концерт, чувствувајќи и дожививајќи ја длабоко историската душа на Даут Пашиниот амам.
 
даут2.jpg
 
Даут Пашиновиот амам е простор во кој се направени првите вистински чекори во евидентирањето на македонското ликовно творештво. Ова место е културен и духовен извор во кој уметноста опстојува веќе 60 години, претворајќи го во центар на современата културна активност. Овој простор во секое свое катче крие една недовршена приказна, која секој посетител сака непосредно да ја доживее.