Винотека Темов

temov1.jpg

Веќе две години во срцето на Старата Скопска чаршија калдрмата не’ води кон урбаната винотека Темов. На крајот на улицата Градиште ќе се сретнете со една прекрасна веранда и уште попрекрасен амбиент на кој неможете да му одолеете. Исполнета со традиционален дух, прекрасно уредена постои како сведок на единствената убавина на македонските вина, па и секако на светските. Брачниот пар Темови успеаа да создадат уште едно место во чаршијата од кое ќе ви биде тешко да се разделите после неколку чаши добро македонско вино. Тие остануваат таму да ни докажат дека чаршијата е сосема безбедно и единствено место за вечера со пријателите. Секогаш љубезни, ќе ве воведат во светот на вината како да нема друг. За посетителите постои можност да одберат и да купат некое од квалитетните вина, додека, пак, за дегустаторите има посебен дел за уживање во различните вкусови на вината и ладните предјадења. Темов ги нуди сите најпознати вина од македонските производители, но и голем избор на странски вина од италијанско, француско и шпанско потекло.

Покрај добрите вина, Темов секоја вечер ни нуди различен вид на забава како совршен додаток за совршената вечер. Тие ќе ве расположат со музика за сечиј вкус. Од чалгии, преку етно, до рок и џез. Како едни од организаторите на скопскиот фестивал на виното „ Виноскоп “, тие на единствен начин ни покажуваат дека се одлични познававачи кога станува збор за добро и квалитетно вино. Потекнувајќи од лозарско семејство и двајцата бескрајно ја покажуваат љубовта кон единствениот вкус на виното.
Господинот Темов раскажува како за прв пат кога отишол да ја види локацијата каде сега се наоѓа неговата винотека, тоа изгледало како место на духови. Толку замрено што секој би се запрашал како ќе успее било што на ова место. Тој вели дека сите го спречувале во оваа инвестиција меѓутоа тој цврсто верувал дека Старата чаршија пак ќе заживее. И така по некое време веќе тој не бил единствениот кој имал локал во чаршијата. Почнале да се отвараат најразлични други локали за сега чаршијата да прерасне во најмодерно место за излегување. Тој е сигурен дека на чаршијата и претстојат уште подобри времиња. Верува дека ќе се врати изгубениот дух кој чаршијата го имала во 80 те години кога била култно место. Сите манифестации ќе се пренесат во чаршијата и тоа ќе го врати народот. Тој е убеден дека следува една сосема нова ера во која таа ќе ја доживее својата кулминација.
 
Ера кога никој нема да се двоуми дали да отвори локал во Старата чаршија. Па кој би се двоумел кога таа е едно од најубавите места во Скопје. Заедно со Багдатската се двете најголеми чаршии во светот. Кој не би посакал да ужива во тајните што ги раскажува таа. Но за тоа треба да создадеме заеднички приказни, заеднички труд. Да бидеме првите кои ја отвориле вратата на новата наша чаршија.
temov 2.jpg
Како што беше случајот со Винотеката Темов. Сега нема човек во градот кој не ја посетил барем еднаш, да ги вкуси најубавите вина на светот. Амбиентот е единствен. Во долгите топли денови апсолутно можете да уживате на верандата која ја прави специфична. Покрај добро изладеното вино кое го нудат, барем за неколку часа ќе заборавите на градскиот метеж и вашите проблеми. Резервирајте и за ладните зимски денови, кога нема ништо поубаво од чаша добро вино во прегратките на ноќта, заедно со пријателите.
 
Со зачуваниот стар стил на излогот и антиквитетите во ентериерот, Темов ја збогати листата на урбани места за излегување на нашето Скопје.
 
Александра Маневска