Магичните вкусови на Чаршијата

Доколку се решите за прошетка низ чаршијата нема да погрешите. Ваше е само да си ги замислите најубавите вкусови на светот и да тргнете кон Старата Скопска чаршија. Таа беспрекорно ви нуди низа прекрасни јадења и напитоци од почеток до крај. Невиден досега сплет на мириси, зачини и вкусови кои искрснуваат од секое можно сокаче на чаршијата.
Но, да почнеме од почеток. Тргнуваме од џамијата, т.е од чешмата што се наоѓа на ѕидот од дворот на џамијата. Тргнуваме напред и ја следиме тесната уличка која полека уште се стеснува. Ја забележуваме чајчилницата и продолжуваме право. Ете тука од десна страна се наоѓа едно прилично скромно Бифе Галерија 7. Тоа е нашата домашна задача за денес.

 
Галерија 7 го има најдобриот турски специјалитет „Лахмаџун“ кој некогаш бил направен. Седнувате и неможете да дочекате да ви го донесат во особено креативната порција која ја служат. Никако не смеете да го заборавите и напитокот кој совршено се сложува со „Лахмаџунот“, Ајранот. Подобра комбинација од хамбургер и Кока Кола. Невидено !
Станува збор за единствениот и неповторлив специјалитет кој се состои од тенок слој тесто на кое се наоѓаат меленото месо, кромидот и милион и еден зачин за кој не сте чуле. Не сакајќи да биде премногу обичен , истиот се служи одозгора со марула и лимон како совршени додатоци при јадењето. Меѓутоа ова и воопшто не ви дозволува да го објасните, пробајте го ! Истата комбинација ќе ве чини само шеесет денари.
 
Меѓутоа не е толку до вкусот како што е до начинот и единствениот амбиент. Ептен голем ќеиф.
Се чувствувате сосема сити после двата „Лахмаџуни“ кои ги изедовте. А што останува за бурекот, симит погачите и ѓевреците? Ќе направиме место и за нив. Во секој случај чаршијата во себе има толку многу специјалитети кои верувајте дека ќе ве вратат назад барем уште неколку пати. Да пробаме да завршиме денес.
Откако попатно изедовте по некој ѓеврек и симит погача, свесни сте дека ве фатило време за ручек. Во тој момент во сетилото за мирис ви доаѓа таква убавина што како на филмовите ве води по неа. Ги отварате очите и гледате дека несвесно се наоѓате пред „Дестан“. Акиф Хаџија, денешниот мајстор на семејниот занает на чичко Дестан, петта генерација,е извонредно гостопримлив човек. Мал милион на ќебапчиња се вртат пред вас на единствената скара на Дестан. А кромидот го спрема госпоѓата која со насолзени очи ви се насмевнува и ве повикува да влезете на по една „10 ка“. И вам толку ви треба. Одеднаш се наоѓате на верандата со грижа на совеста за тоа колку кила ставивте денес. Мирисот ве прави толку спокојни што по „10ката“ не се грижите повеќе за ништо. А и како да се грижите кога знаете дека седите во најпрочуената ќебапчилница во Скопје која за три години го слави 100 от јубилеј. Ја завршувате вкусната авантура и тргнувате по нови предизвици во сокаците. Сеуште сте „гладни“ за нови. Одеднаш се сеќавате дека сте толку жедни што неможете да подголтнете. Пред вас се појавува извонредно жолта лимонада со пријателките, боровница и боза. Перфектен начин да ја згасите жедта. Ваше е само да посакате.
 
Откако ја земавте  добитната комбинација, т.н „шприцер“, со боја на боровинка, размислувате што да однесете на домашните кои не се покрај вас кога ја вкусувате чаршијата. Во бело ќесе ги добивате најшарените бонбони на светот кои некогаш сте си ги замислиле. Колку за поздрав од чаршијата.
Откако си ги средивте мислите и впечатоците на теферич од досегашната извидничка прошетка, време е за нова етапа. Размислувате каде да ги сместите новите вкусни доживувања кои се на повидок. Низ прошетката постојано ве следат прекрасните звуци на единствената ориентална музика на која се сеќавате од приказните на вашите родители. Неверојатните дајриња, виолини и чочеци на скопските „шизики“ како сеуште да живеат во калдрмите на чаршијата. Ви предизвикуваат смеа на лицето. Одеднаш пред очите ви доаѓа боемскиот скопски живот од периодот помеѓу двете светски војни. Скопската чаршија исполнета со најдобрите кафеани кои можете да си ги замислите. Со најпознатите уметници, трговци, новинари кои ги делеле своите дилеми со пријателите покрај кафето со локум кое знаело најдобро да го направи старата чаршија. И одеднаш мирис на свежо сомелено кафе... Морате да се напиете. Ја палите последната цигара од кутијата на зајдисонцето и посакувате да останете во тој момент засекогаш. Ги гледате новите деца на чаршијата како полека се движат кон култната „Темов“ или возобновената „Капан Ан“. Одлични се, нема збор. А вината... Неповторливи.
Откако вака убаво си размисливте и се најадовте, време е за десертот. Апсолутно најдобри се неколкуте слаткарници во чаршијата, но најдобрата е „Колумбо“. Таму има такви слатки од кои неможе да ве заболи стомакот. Индијанки, еклери, познатата турска ф’стак баклава, казан – диби... Слатки волшепства за полесна ноќ. Не дозволуваjте да ви избега ниту едно од слатките волшепства на „Колумбо“. Веднаш ви станува јасно зашто го носи името „Колумбо“. Па тие ги откриле најубавите слатки на светот и уште ја знаат рецептата. Откако се нахранивте со највкусната ф’стак баклава веќе мислите дека дошол крајот на денот. Меѓутоа некако се чувствувате празни...Нешто фали во целава оваа идила.
 
Одеднаш се сеќавате на турските серии и на памет ви доаѓа еден чудесен пијалок послужен во мали чаши. Па да.... Ни фали по една турски чај !
Седнувате во најубавата чајчилница на ќошот на сокачето и го нарачувате најмистичниот турски чај со што повеќе шеќер во него. Ја земате првата голтка и го чувствувате срцето во грло. После втората чашка, веќе не чувствувате ништо. Го нема заморот од напорниот ден, ни пулсот во нозете од прошетката, ни маката во стомакот од богатиот ден.
 
До вас седнува сопственикот на чајчилницата и ви ја раскажува најубавата приказна како јагода на шлагот. Вели, да го повикате некого на чаша чај во Турција претставува вистински гест на гостопримство. Ако во Турција ве понудат со чај, не одбивајте, така ќе ја заслужите на вистински начин почитта од домаќинот. Додаде дека кога порачуваме чај треба да порачаме јак. Тоа е првиот плус кај домаќинот кој ќе го заслужите. Потоа гледајте да не ја одбиете и втората чаша која ќе ви ја понудат за да изгледате како вистински гостин кој ја почитува куќата. Во ниту еден момент не барајте никаков додаток со чајот. Тоа е лудо. Доволни ви се двете коцки шеќер кои ќе ги добиете и нека ви е на здравје! И така, сопственикот ве остава полни со впечатоци додека ја пиете втората чаша чај, која секако не ја одбивате. Под чашата гледате како ѕирка еден мал бел лист хартија. Со изненадување во очите гледате кон него, го отварате и гледате дека Господинот од почит што му ја ислушавте приказната ви го оставил рецептот за највкусниот чај кој бевте го пиеле. Толку сте благодарен што веќе немате начин како да и се заблагодарите на чаршијата за исполнетиот ден.
 
Натоварени тргнувате кон вашиот дом. Од ќесите ви ѕиркаат најубавите подароци кои можете да си ги замислите. Опинци кои ќе го красат ѕидот на вашата дневна, кожени чанти за дамите во вашето семејство, една ќеса слатки задоволства и пакетче од незаборавниот турски чај со комплет чаши. Одите по калдрмата и си ветувате на себеси дека никогаш нема да ја оставите чаршијата сама. На вашите деца, па и внуци ќе им ги пренесете најубавите приказни кои се кријат во неа. Ќе ги носите на најубавите јадења кои светот некогаш ги видел. Ќе ги почестите со најубавите подароци кои живеат во чаршијата.
 
Зад себе оставате еден цел ден исполнет со магични вкусови кои сакате да ви станат ритуал. Велите дека ќе го повторувате ова секоја недела, со пријателите, домашните, љубовта...
 
Веќе сте дома и не сакате да заврши овој ден. Ги оставате подароците да се погрижат сами за себе а вие од џебот го вадите најскапоцениот лист хартија кој некогаш сте го добиле. Приготвувате чаша турски чај за вас и вашата љубов. Толку сте воодушевени што во воздухот се чувствува возбудата. Во срцето на вашиот дом се шири најтоплата миризба која некогаш сте ја осетиле. Горделиво го приложувате чајот на верандата со коцките шеќер. Вашата љубов ги носи остатоците од баклавата која ја донесовте како подарок. На најсовршената глетка на градот во најубавото друштво го пиете последниот чај за денес. Ве остава будни до доцните часови и спремни за уште една магична прошетка низ чаршијата. Свесни сте дека штотуку го имавте најубавиот ден во вашиот живот.
 
А што ви треба повеќе ? Најубавата музика веќе свири, чајот мириса, а личноста со која ќе го поминете остатокот од животот е до вас. И тоа е дел од рецептата, погледнав.
 
Совршен крај на денот!
Ајде на здравје Скопје!